„Се е подготвено за имплементација на проектот за отстранување на работните дозволи меѓу Северна Македонија, Србија и Албанија. Софтверски се веќе вмрежени трите држави, тоа значи дека граѓанинот ќе треба да си извади ИД број, еден вид на идентификациски број и со тој број ќе биде препознаен во системите за вработување во било која од трите држави“ кажа националниот координатор за Отворен Балкан и регионални иницијативи, Марјан Забрчанец во „Утрински печат“.
Тој упати апел до пратениците што поскоро да го ратификуваат меѓународниот договор со што се елиминираат овие прашања, бидејќи се друго е подготвено.
„Ако вие имате ИТ компанија од Скопје и вашите вработени работат онлајн за Тирана или Белград, нема да има потреба од вадење на работни дозволи, тие ќе можат да работат и дејствуваат по правилата на двете други држави. Да си земаат плата од Србија или Албанија дури и да бидат пензиско и здрававствено осигурани во Србија и во Албанија“ објасни Забрчанец.
Тој кажа дека веќе има информации дека дел од големите компании на кои им треба работна сила го чекаат стартот на овој проект со цел да се привлечат работниците од сите земји.
„Стравот за одлевање на граѓани од државата не е оправдан, бидејќи ова е повеќенасочно. Ако некој отиде да работи во Србија, друго д Србија ќе дојде да работи тука“ рече Забрчанец.