НАкС: Министерството за образование и наука навремено да ги исплаќа платите

Во изминатиот временски период стана зачестена пракса платите на вработените на јавните универзитети да се исплатуваат со задоцнување, надвор од законски предвидените 15 дена по изминување на исплатниот период. На овој начин, се загрозува правната сигурност на вработените на јавните универзитети и се прекршуваат одредбите од чл.109 од Законот за работни односи (ЗРО) и чл. 66 од Колективниот договор за високото образование и наука, а работниците, особено оние чиишто плати се на ниво на минималната плата или блиску до неа се доведуват во исклучително незавидна и понижувачка економска положба. Имајќи предвид дека наставниот кадар во високото образование многу често е принуден да ги плаќа од сопствени средства службените патувања за учество на конференции и стручни средби, како и набавката на неопходната стручна литература, со ненавремената исплата на платата сериозно се доведува во прашање и извршувањето на редовните работни обврски кои се предвидени со
договорите за вработување.

Сите овие задоцнувања се направени без претходно писмено известување од работодавачот, за евентуалната промена на денот на исплаќање, како што впрочем е наведено во чл.109 ст.4 од ЗРО, во кој стои „Работодавачот е должен претходно писмено да ги извести работниците за денот на исплаќањето и за секоја промена на денот на исплаќањето.”

Независниот академски синдикат за сето го ова го извести во писмена форма Министерот за образование и наука, како ресорен министер кој ја контролира законитоста на работењето на високообразовните институции и има обврска да се грижи за почитување и имплементација на колективниот договор. Бараме во најкус можен рок транспарентно да бидат образложени причините за ваквите задоцнувања и да бидат
преземени сите мерки во надлежност на Министерството за образование и наука за почитување на законските одредби и навремена исплата на платите.

Квалитетот на високото образование и науката, што во овие години на континуирана светска кризна состојба е сериозен предизвик за сите општества, не може да се обезбеди доколку вработените во високообразовните институции ги немаат основните услови за работа и егзистенција.

Треба да знаете
Последни објави