Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на денешната средба со министерката за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисера Турковиќ, ги нагласи досегашните одлични пријателски релации меѓу двете земји кои се движат постојано по нагорна линија, соопштија од собраниската прес-служба.
Тој изрази надеж дека овој интензитет на политичка и друга комуникација ќе продолжи да се развива и понатаму.
– Во таа насока упати апел до пратеничките групи за соработка на двата законодавни дома да соработуваат взаемно на теми од заеднички интерес. Претседателот Џафери ја информираше гостинката за меѓународната агенда на Република Северна Македонија во новата 2023 година каде меѓу другото се активностите поврзани со особено значајното претседавање со ОБСЕ, претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа и секако, преговорите со Европската унија како наша главна стратешка цел. Меѓу другото, претседателот говореше и за економската соработка помеѓу двете земји и реалната потреба од воведување на директна авиолинија на релација Скопје – Сараево или друго алтернативно решение кое би довело до надминување на овој постоечки проблем, се наведува во соопштението.
Министерката за надворешни работи на БиХ, Турковиќ, изрази благодарност до Џафери за одвоеното време и истакнала дека особено ја радува добриот и пријателски однос меѓу двете земји, но уште повеќе пријателскиот однос меѓу луѓето во двете земји.
Таа го информира Џафери со тековните активности по изборите во БиХ околу формирањето на новиот парламент.
– Имаше пофални зборови за нашата меѓународна активност, а особено во однос на конкретната поддршка што Република Северна Македонија ја дава на украинските институции и народ, при што нагласи дека со тоа сме меѓу ретките мали земји кои дале толку голема помош во ова подрачје зафатено со конфликт. Таа исто така се согласи со претседателот Џафери околу потребата од воведување на авиолинија меѓу двете земји и подвлече дека во наредниот период треба да се работи интензивно на ова прашање, се подвлекува во соопштението.
На средбата соговорниците потврдија дека ќе направат се што е во нивниот домен на делување за интензивната и пријателска соработка да продолжи и во иднина.