Информатичкиот дефект што го принуди американското регулаторно тело за цивилно воздухопловство (ФАА) привремено да ги прекине домашните летови во САД на 11 јануари, е предизвикан од подизведувач кој случајно избришал датотеки, соопшти ФАА.
Агенцијата веќе го припиша дефектот, поради кој на 11 јануари беа откажани или одложени илјадници летови, на оштетување на датотеката со база на податоци.
Првичниот извештај покажа дека подизведувачот „ненамерно ги избришал датотеките додека работел на усогласување на главната и секундарната база на податоци”, додава агенцијата.
Истрагата продолжува, но агенцијата посочува дека сè уште не нашла докази кои би го поврзале инцидентот со злонамерен чин или хакерски напад.
ФАА сега работи на тоа да го направи „поотпорен” предметниот компјутерски систем, кој во реално време ги предупредува членовите на екипажите за можна опасност на земја и во воздух.