Претепан е секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид. Ова го објави бугарскиот европратеник Андреј Ковачев на својот Фејсбук профил.
-Насилството, омразата и дискриминацијата мора да престанат! Очекувам итна реакција од властите во двете земји! Оваа ситуација е неподнослива. Политичката класа, медиумите и академиците создадоа атмосфера на омраза и прогон на Бугарите. Европските институции ќе бидат информирани! Момчето е во болница! Полицијата е известена!“, напишал Ковачев, пренесува бугарски „Дир“.
Подоцна Ковачев појаснил дека имало тројца напаѓачи и дека се идентификувани. Тој самиот се обидел да разговара со претепаниот по телефон, но не успеал, бидејќи, како што тврди лицето имало скршена вилица.
Ковачев информира и дека телефонски разговарал со министерот за надворешни работи Бујар Османи, пишува „Дир“.
Контроверзната бугарска партија „Преродба“ соопшти дека категорично ја осудуваат „антибугарската хистерија и бранот на омраза“ во Република Северна Македонија и најавуваат дека ќе преземат мерки за поддршка на секретарот на бугарскиот клуб, Христијан Пендиков.
Клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид беше отворен на 7 октомври минатата година, проследен со протести на граѓани, со поддршка од опозициските Левица и ВМРО-ДПМНЕ.
Според последните измени кои беа направени во Собранието врз Законот за здруженија и фондации, бугарските културни центри со контроверзни имиња во земјава имаат рок од три месеци, почнувајќи од ноември минатата година, да ги променат називите на здруженијата.