„Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е апсолутно конзистентен дека под вакви околности нашата пратеничка група нема да се согласи за Уставни промени и тука нема што повеќе да се додаде или одземе. Односно тоа е ставот на партијата и органите на партијата и тоа е ставот на пратениците кои се дел од овој парламентарен состав”, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски во вечерашното гостување во емисијата „360 степени” на Алсат – М Телевизија.
Тој додаде дека власта не може да ветува двотретинско мнозинство кога однапред не го обезбедила.
„Ние во однос на прашањето на преговорите со Бугарија нудевме постојана отвореност и нудевме заедно да и помогнеме на владата да најдеме решение по ова прашање со конкретна понуда на тим кои ќе се приклучат на владиниот тим. Но тогаш немаше желба за Комуникација со ВМРО-ДПМНЕ и луѓе што имаат и познавање и контакти во меѓународните односи”, изјави Муцунски.
Муцунски посочи дека реперкусиите од неможноста власта да реализира тоа што го ветила ќе се бара кај тој што ја преземал одговорноста, бидејќи лесно да се даваат празни ветувања и флоскули. Тоа е всушност принципот по кој функционира Владата на СДСМ и ДУИ веќе 6-та година.
„Ние сме го кажале и претседателот на партијата јасно го кажал дека прво сакаме да разговараме за какви гаранции би имала Република Македонија дека повторно нема да биде предмет на ваков профил на уцена кој го добиваме од наш сосед кој не е базиран на стандарди на Европската Унија, туку базиран на политички уцени”, дециден е Муцунски.