Северна Кореја минува низ најлошиот период поради недостиг на храна по кризата кога масовниот глад ја опустоши земјата пред речиси 30 години, се вели во извештајот на веб-страницата на американското набљудувачко тело „38 North“.
Извештајот ги анализира податоците од извори, вклучително и Светската програма за храна на ОН, Министерството за земјоделство на САД и независниот медиум „Дејли НК“.
Цитирајќи го економското лошо управување, ефектите од пандемијата со Ковид-19 и зголемувањето на глобалните цени на храната, извештајот заклучува дека „нето-балансот на жито во Северна Кореја падна под минималните човечки потреби“.
Достапноста на храна најверојатно паднала под минимумот за човечки потреби, и е најлоша по гладот во земјата во 1990-тите, според извештајот на „38 North“.
Проценките се многу различни, но гладот од 1994 до 1998 година – наречен „Тешкиот марш“ од севернокорејските лидери однесе можеби милион животи, или пет проценти од населението во тоа време.
Податоците од извештајот покажуваат дека цената на пченката пораснала повеќе од цената на оризот, основната култура во земјата, по затворањето на границите поради Ковид-19 во 2020 година, што значи сериозен недостиг на храна во домаќинствата, пренесува УПИ.