Бородјанка и Ирпин – симболи на украинскиот непокор

Разурнати згради, куќи, белези од шрапнели на објектите, прозорци без стакла, остатоци од демолирани тенкови се само дел од сликите кои нè пречекаа во Бородјанка, место на периферијата на Киев во Украина, во која веќе 11 месеци се води војна, а кое оваа недела МИА имаше можност да го посети и на самото место да ја види состојбата на терен.

На теренот и активности за обновување на разурнатите куќи и објектите кои МИА ги забележа како дел од новинарскиот тим кој престојуваше во Киев заедно со шефот на дипломатијата Бујар Османи како негова прва дестинација во рамките на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ.

Ова гратче во предградието на Киев заедно со Ирпин и Буча беа местата каде во февруари минатата година беше запрено напредувањето на руската војска кон Киев и неговото заземање. Со тоа, според оценки на безбедносните експерти, беше осуетена намерата на Москва за три дена да ја заврши, како што ја нарече, „специјалната воена операција” во Украина.

Од пристигнувањето на железничката станица во Киев, рано утрото, под строги безбедносни мерки колоната возила со делегацијата од Северна Македонија се упати кон Бородјанка, оддалечена 50-тина километри од главниот град.

Киев оддаваше впечаток дека пулсира со некаков редовен животен ритам, но по излезот од градот сликата се менуваше. Контролни пунктови на војската се поставени на критични точки на патот, а покрај патот во местата кои беа населени можеа да се забележат остатоци од уништени оклопни возила и девастирани објекти од борбите што тука се одиграле.

– Први реагираа од територијалната одбрана кои ја запреа и ја задржаа руската колона од тенкови и оклопони возила ден и половина што ѝ овозможи на украинската војска брзо да се прераспореди и делува. Во првите денови од агресијата немаше украински сили на овој потег. Главнината на украинските сили беа концентрирани главно во источните делови од земјата бидејќи никој не очекуваше целосна воена агресија од правецот, односно од територијата на Белорусија во овие делови, раскажува за случувањата од првите денови од агресијата претставник од локалните власти.

Дел од населението е останато и живее таму, но голем дел жители чии куќи беа разурнати од борбените дејствија се раселени и живеат во западните делови од земјата, каде е побезбедно, кај свои роднини или пријатели. Граѓаните кои ќе згрижат раселени лица добиваат поддршка од украинската Влада.

Како последица на борбите настрадал голем дел од критичната инфраструктура, па отежнато е снабдувањето со вода и особено со електрична енергија, што е исклучително тешко за населението во услови на зима. Рестрикциите се вообичаени, а локалните власти секојдневно се обидуваат да изнајдат решенија да ги премостат проблемите. Не се исклучуваат ниту спорадични непријателски ракетни напади, иако фронтот е далеку на југоистокот на земјата.

Во обиколната на Бородјанка на остатоци од ѕид од она што некогаш било куќа или зграда домаќините ни покажуваат мурал од светски познатиот уметник Банкси – силен маж во џудо кимоно, кој велат го симболизира Путин, соборен од дете. Уметникот на нему својствен начин со овој графитот со малата гимнастичарка искажува поддршка за украинскиот пркос и безрезервна борба да се зачува татковината, да се одбрани слободата.

За Украинците овие дела на улична уметност се израз на светската солидарност, која им е толку насушно потребна и ги сметаат за симбол на нивната победа. Настанале во ноември лани, кога уметникот ја посетил Украина. Жителите едно утро само ги откриле. Вакви графити, кои носат силни пораки на солидарност, на уништени згради од руските воени напади во Украина, покрај во Бородјанка, Банкси има исцртано и во градовите Хостомел, Ирпин, како и на легендарниот Мајдан – централниот плоштад во Киев.

Бородјанка беше окупирана од 25 февруари до првите денови на април 2022 година. По нешто повеќе од еден месец борби Бородјанка била ослободена, а Киев одбранет. Веднаш по повлекувањето на руските сили, во април местото го посетил и претседателот Зеленски и се започнало со решавање на хуманитарната криза.

Пред непријателските напади, во Бородјанка живееле 15 000 луѓе, а за време на околу едномесечната окупација, заминале само 1 500 лица, додека другите биле евакуирани. Во борбите биле уништени околу 500 семејни куќи и 40-тина станбени објекти и административни објекти.

Оштетувања од шрапнели има и на бистата на Тарас Шевченко – таткото на современата украинска книжевност, поставена пред локалниот културен центар… Оваа зграда била запоседната од окупацските сили и им служела како команден центар. По опустошувањето денес е реновирана и повторно треба да се стави во функција.

Дел од жителите на Бородјанка кои ги загубија домовите денес се сместени во модуларни куќи подигнати во градот. Османи посети еден таков камп во кој се сместени главно возрасни жени и мажи.

-Тука сум да ви изразам целосна поддршка и непосредно на терен да се запознаам со вашите проблеми и што е она што ви е најпотребно, им порача Османи. Тие, пак, ги споделија своите страдања, претрпените загуби во оружениот конфликт, но, нагласија, за нив најважна е победата.

Монтажните куќи се донација од Владата на Полска. Поставени се од јуни минатата година, во нив во моментов се згрижени околу 240 лица, а имаат капацитет за околу 500. Поставен е агрегат со кој е решено снабдувањето со струја, а со донација од Турција се обезбедуваат средства за храната.

Една од точките на посета беше и изложбата „Украина распната” во воениот музеј сочинета од артефакти собрани од боиштата на актуелната војна. Украина веќе документира сведоштва кои ќе се најдат во идните учебници по историја.

Светот е восхитен од неверојатната храброст и сила на украинскиот народ, кој со месеци им одолева на предзвиците од руската инвазија, но, велат, потребна им е солидарноста и поддршката на светот во оваа борба во која правдината е на нивна страна.

Два моста на реката Ирпин – еден урнат и еден нов што забрзано се гради

За да се зачува споменот на она што се случувало во тие клучни денови за Украинците 12-тина места од Киевската област се конзервирани како што биле затекнати непосредно по завршувањето на борбените дејствија. Меѓу нив е и мостот на реката Ирпин кај населеното место Ромањевка, познат како Ромањевскиот мост.

– Овој мост е на само 2-3 минути од главниот град и беше последната препрека пред непријателските сили да влезат во градот, раскажува претставникот на локалните власти.

За да го спречи брзиот продор на руската војска, украинските сили морале да гранатираат и разурнале над 15 моста во околината Киев, а ова е еден од тие мостови.

Некои од нив се обновени, а дел ќе бидат зачувани како сведоштва за воените злосторства, велат тие. Новиот мост на Ирпин забрзано се гради со помош на партнери од Турција и Јапонија.

Киев во надреален филм

Во Киев од првичниот впечаток се чини дека животот нормално тече, обичен студен зимски ден. Низ булеварите возила, по троатоарите раздвижени луѓе, дуќаните отворени, фирмите работат… на главниот плоштад висока накитена елка. Поминуваме покрај многуте прекрасни цркви, меѓу кои и Печерската лавра, еден од историски најстарите и најзначајните манастири по кои Киев е познат.

Но полека во видното поле влегуваат и „ежевите” за противвоздушна заштита, засиленото обезбедување со војници и поставените барикади пред секоја државна институција, вреќите со песок  во дворовите и на прозорците, па и на спомениците во градот за да спречат оштетувања од евентуални воздушни ракетни напади.

Но, главниот предизвик во ова студено време е животот без струја и греење, што е речиси невозможен и постојаната опасност од можни спорадични руски ракетни напади. Потврда е нападот што пред само два дена од нашата посета се случи на станбена зграда во градот Днепар, кој се наоѓа југоисточно од Киев, каде загинаа повеќе од 40 лица и над 70 ранети.

За време на нашиот кус еднодневен престој, за среќа, сирените за воздушна опасност не се огласија. Сепак, тие се речиси секојдневие за Украинците. Во разговор со киевка, ни открива дека тие се толку чести што на некој начин отрпнале на нив, а некои луѓе, вели, веќе не заминуваат ниту во скривници на безбедно.

Рестрикциите на струја се вообичаени и се одвиваат по шема според која во делови од градот нема напојувања и до 16 часа. За да се загреат или да ги наполнат своите мобилни и лаптопи граѓаните заминуваат во трговските центри или во бизнис-центрите каде струја се обезбедува со агрегати, а во пооддалечените предградија жителите тоа го добиваат на посебно обележани пунктови на кои стојат написи „Украина нескршлива”.

Продавниците се полни со продукти, не недостига ништо. – Но ако некогаш имавме да избереме млеко од 15 различни производители, денес понудата ни е намалена на 10, вели киевката.

Образовниот процес се одвива нормално. Сега е распуст, кој може да се продолжи поради зимските услови, вели таа, но за време на школската година се одвива и онлајн настава, се разбира доколку има струја.

И културата е запазена, работат театрите. Операта подготвува нова претстава, чија премиера е најавена за 20 јануари. Поместено е само времето, па сега, вели нашата соговорничка, на претставите одиме од 17 часот и публиката се сместува само во партерот, а во случај на сирени за можен воздушен напад, се засолнуваме во скривницата во самиот објект.

Со паѓањето на мракот градот тоне во слаба придушена светлина, а на времето блескаше во сиот сјај, се потсетува киевката.

Минуваме низ плоштадот Мајдан, сведокот на сите значајни моменти од историјата на Украина. Во блискиот ресторан заседнати луѓе, во цвеќарницата во сутеренот разновидни рози, кали… купувач пазари во маркетите. Отворени се до 22 часот, бидејќи од 23 часот настапува полицискиот час.

Се движиме кон хотелот на нашето зборно место. За кратко го напуштаме Киев со единствена мисла што поскоро да се врати мирот, да запрат страдањата на луѓето и да молкне оружјето.

Украина бара поддршка и враќање на теренската мисија на ОБСЕ

По теренската посета, Османи и на средби со државниот врв на Украина. Претседателот Зеленски, спикерот на Врховната Рада (Парламентот) Стефанчук и министерот за надворешни работи Кулеба му се заблагодарија на Османи за поддршката што ја добија од македонската држава и народ, а побарано е и враќање на мисијата на ОБСЕ во Украина.

Османи, пак, ја реафирмираше позицијата дека Русија, со воената агресија врз Украина, ја крши Повелбата на ОН, принципите на меѓународното право и човековите права, и дека Северна Македонија оваа позиција ќе ја задржи и како земја претседавач со ОБСЕ. Порача дека ОБСЕ го поддржува украинскиот народ и напорите за враќање на мирот и стабилизација на регионот и дека организацијата ги има механизмите и капацитетот да им помогне на луѓето од конфликтните подрачја преку работата на терен.

– Еден од првите чекори треба да биде итното враќање на теренската мисија на ОБСЕ во Украина. Мисијата ќе направи голема разлика на терен за обезбедување стабилност, безбедност и почитување на човековите права за секој граѓанин, порача Османи.
Во моментов ОБСЕ, за време на војната, помага преку Програмата за поддршка на Украина финансирана од донатори, но, рече Османи, организацијата ќе направи уште повеќе кога ќе настапи мирот.
– Се надевам и верувам дека ќе бидам сведок на почетокот на мирот и закрепнувањето за време на нашето претседавање. Ние сме цврсто решени целосно да се ангажираме за да се случи токму тоа, истакна Османи.
Посетата на Османи на Украина беше во рамките на реализацијата на еден од главните приоритети на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година, во кое фокусот е ставен на луѓето на терен кои се најпогодени од воената агресија.
Во меѓувреме, канцеларијата на високиот комесар за човекови права на ОН излезе со извештај во кој се документирани над 18 000 цивилни жртви од почетокот на агресијата, но се смета дека вистинскиот број на загинати или повредени лица е веројатно поголем. Покрај тоа, евидентирани се и речиси осум милиони украински бегалци низ Европа, како и близу пет милиони внатрешно раселени лица.
Изгледи за преговори меѓу завојуваните страни сè уште нема на повидок. На последниот состанок на Советот за безбедност на ОН посветен на Украина, Розмари ди Карло потсекретар на светската организација за политички и мировни прашања рече дека нема индиции за крај на конфликтот и дека во моментот „преовладува воената логика, со многу мал, ако воопшто го има, простор за дијалог”.
Покрај борбените дејствија на истокот на земјата, украинските власти очекуваат ескалација на северот од правец на Белорусија.

Вчера на средбата во Рамштајн лидерите на околу 50 земји од „Контакт групата за Украина”, последна во низата состаноци на која се договара сеопфатен пакет воена помош за Киев, Министерството за одбрана на САД најави нова помош за Украина во вредност од околу 2,5 милијарди долари, вклучително и оклопни возила. Шефот на дипломатијата Кулеба на маргините на форумот во Давос рече дека смета оти одговорот на прашањето дали Украина ќе добие тенкови Леопард 2 од германско производство е веќе позитивен.

За Кремљ, пак, „заблуда” е дека одлуката на западните земји да и достават тенкови на Украина ќе го промени текот на војната.

-Повторуваме дека таквите испораки нема да променат ништо, туку ќе создадат дополнителни проблеми за Украина и украинскиот народ. Гледаме посветеност на драматичната заблуда дека Украина може да успее на бојното поле. Тоа е драматична заблуда на западната заедница која ќе биде причина за жалење повеќе од еднаш, ние сме сигурни во тоа, изјави во петокот Песков.

Портпаролот на Кремљ рече дека единствениот начин да се спречи понатамошна ескалација е да се послуша стратешката загриженост изразена од Русија кон крајот на 2021 година, неколку недели пред нападот на Украина.

 

Треба да знаете
Последни објави