Ако Алијансата за Албанците одлучила да го спасува Ахмети со одлуката за влез во Владата, не треба тоа да го маскира со наводен план за борба против корупцијата, вели Орхан Муртезани од Алтернатива, во изјава за ТВ Телма.
Муртезани ги повика од Алијансата за Албанците јавно да кажат дали во позадина на одлуките се калкулации за обезбедување на двотретинско мнозинство за гласање на уставните измени.
-Ако Алијанса одлучила да го спаси Али Ахмети и со тоа да се преточи во ДУИ тоа е нивно право, но не е добро тоа да се маскира со наводна борба против корупција и интеграција на земјата во ЕУ. Апел до нив: кога ќе одлучуваат за влез во Владата, нека одлучат и за поддршка на амндманот на Алтернатива против застарување на политичката корупција и со тоа на дело ќе покажат дека имаат капацитет да се борат против корупцијата. Тие што заговараат приклучување на Алијанса во Владата би било добро да објаснат дали ова е план за постигнувањето бројка од 80 пратеници за уставните измени или ова може да донесе до намалување на коалицискиот потенцијал на патот кон ЕУ, изјави Орхан Муртезани од Алтернатива.
За евентуално нова поделба на ресори со можниот влез на Алијанса во Владата, Муртезани потсетува дека со нивниот влез во Владата се обезбедило парламентарното мнозинство за откочување на преговорите со ЕУ и нагласува дека веќе постои договор за владеење.
-При крајот на 2021 кога станавме дел од Владата тогаш немаше владино мнозинство што го обезбедивме со нашите пратеници, а со тоа и датум за преговори со ЕУ. Нашиот договр за владеење трае до 2024, ние сме посветени за реализација на тој договор, така што додека нема промена во оваа насока, немаме за што да разговараме, додава Муртезани.