Одбележани 22 година од нападот на полициската станица во тетовско Теарце во 2001 и загинувањето на полицаецот Момир Стојановски

Одборот на бранители денеска во тетовско Теарце организираше одбележување на 22 година од загинувањето на полицаецот Момир Стојановски (29) при напад со ракетен фрлач врз полициската станица на 22 јануари 2001 година. При нападот тешко ранет беше полицаецот Давор Евросимовски, а полесни повреди добија Борче Ѓуровски и Јахи Лика.
Првиот човек на Одборот на бранители, Марин Најдов потсети дека е Момир Стојановски е првиот непребол меѓу сите останати паднати бранители од 2001 година и подоцна починатите од последиците на војната.
-Тие што го познаа Момир секогаш со гордост се сеќаваат на него како човек кого го краселе сите доблести на човека. Одличен професионалец и лојален кон својата татковина. Ако се вратиме во историјата ќе се сетиме дека секогаш за татковината гинеле најдоброите и најхрабрите синови, а таков беше и Момир Стојановски. Вечно ќе бидеме нивни должници што се уште постоиме и цврсто опстојуваме на ова тло и најмалку што можеме да направиме за нив е да не дозволиме никогаш да не дозволиме да заминат во заборав. Тоа е наша одговорност, да го живее споменот на нашите јунаци, поради самите нас, нашите деца и внуци кои треба да учат за вредноста на државата и слободата во неа како придобивка, истакна Најдов.

Денес после 22 години, како што посочи тој, сведочиме на несебичниот однос на бранителите кон повикот на татковината и нејзината одбрана од агресијата.
Од Одборот на бранители посочија дека со членството ќе се потрудат да ги избегнат сите манипулации со нивните гласови на претстојните избори.
-Ќе создадеме платформа за преговори со политичките партии и поддршката на изборите на сите оние кои ќе можат нашите цели и барања. Од страна на одредени субјекти се манипулира со гласовите на бранителите мислејќи дека со сопствените барања може да се покријат одреден степен на политички барања на бранителите. Се обидуваме да ги исклучиме деловите на политичките гарнитури кои сакаат да не разнебитат и раздвојат.  Во овој момент се вршат преговори со повеќе политички партии и ќе видиме кого ќе поддржиме на следните избори. Имаме создадено платформа од неколку точки во моментов се преговара за нив кога ќе има сигнали. Статусот на бранители е очаен со оглед на тоа дека не се згрижени, голем дел од се во социјалне ризик, многу се починати, државата не се зафати со грижата за нив. Не се интегрирани во општеството, изјави Жарко Милевски од Одборот на бранители.

За нападот на полициската станица во 2001 година одговорноста ја презеде таканаречената Ослободителна народна армија (ОНА) по што започнаа повеќе оружени напади врз државните безбедносни сили.

Треба да знаете
Последни објави