Државната изборна комисија (ДИК) работи на формирање на Центар за обуки за избори, што треба да почне да функционира до пролетта 2024 година, изјави во интервју за МИА портпаролката на Комисијата Љупка Гугучевска.
– Во текот на изминатата година имавме многу активости кои се однесуваат на исполнување на стратешките цели и визијата на ДИК за она како треба да изгледа еден професионален изборен орган во иднина. Една од главните активности со кои се занимаваме беа подготвителните активности за формирање Центар за обуки за избори. Ова е активност што ја спроведуваме со поддршка на Меѓународната фондација за изборни системи ИФЕС со проект финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка. Во текот на минатата година беше спроведена студија за изводливост за формирање таков центар за обуки, вели Гугучевска.
Во интервјуто за МИА, таа потенцира дека ДИК исто така работи и на зајакнување на ИТ-системот, како и на други стратешки цели како што е родовото сензитивизирање, но исто така зборува и за тоа како е да се биде портпаролка на Комисијата.
Во интервјуто таа исто така посочува дека граѓаните со право на глас можат во секое време да се проверат во Избирачкиот список на страницата izbirackispisok.gov.mk, како и за тоа дека ДИК постојано работи на унапредување на својата работа и спроведување на избори.
Што работи Државната изборна комисија (ДИК) кога нема избори?
– Тоа е често прашање коешто го добиваме сите кои работиме во ДИК. Така е. Нашата работа е највидлива во изборниот период, меѓутоа како професионален орган ДИК постои да го следи пристапот на изборен циклус. Тоа значи за останатите чинители во изборите, изборите имаат почеток и крај имаат временски период, меѓутоа за нас никогаш не завршуваат, односно оние стратешки и развојни активности коишто треба да се случат, активности за реформи во организирањето и спроведувањето на изборите се случуваат токму во овој временски период кога нема избори. Па така, ние сме доста активни иако не нè гледате толку во јавноста.
Во текот на изминатата година имавме многу активости кои се однесуваат на исполнување на стратешките цели и визијата на ДИК за она како треба да изгледа еден професионален изборен орган во иднина. Една од главните активности со кои се занимаваме беа подготвителните активности за формирање Центар за обуки за избори. Ова е активност што ја спроведуваме со поддршка на Меѓународната фондација за изборни системи ИФЕС со проект финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка. Во текот на минатата година беше спроведена студија за изводливост за формирање таков центар за обуки.
Самата студија беше спроведена од стручен тим, мешан национален и странски. Во текот на студијата беа интервјуирани претставници од повеќе чинители во изборите, внатрешни односно изборните органи, ДИК, општинските изборни органи, избирачките одбори, сертифицираните обучувачи на ДИК, како и надворешни претставници на политичките партии, на граѓанските здруженија, на медиумите, на академската заедница, студентите итн. Она што од тие интервјуа и од анкетите што потоа беа спроведени се доби како фидбек, беше недвојбено изразениот став на сите дека постои потреба од формирање таков центар за обуки за избори, којшто би пружил обуки на сите чинители во изборите континуирано. Особено во периодот помеѓу избори со оглед дека сите чинители се најзафатени во периодот кога се спроведуваат изборите, па немаат ниту време да следат таков тип обуки.
Покрај потребите од обуки, сите изразија потреба од истражувања кои би ги вршела ДИК за потреби на јавноста, истражувања кои би вклучиле компаративни погледи на различни аспекти од изборниот процес, на пример, гласање во странство како се одвива некаде како кај нас, употреба на изборна технологија итн. Значи, на различни полиња би се однесувале овие истражувања. И така со овие наоди од оваа студија за изводливост понатаму беше исработен патоказ за формирање центар за обуки. Прв чекор од овој патоказ е формирањето на работна група. Тој е веќе реализиран. Во декември минатата година беше формирана работната група и таа веќе се состанува еднаш неделно. Има изготвено план за активности за 2023 година. Очекуваме до пролетта 2024, односно до март биде отворен овој центар за обуки.
Во јавноста веќе е отворено прашањето за предвремени парламентарни избори. Дали ДИК е подготвена да спроведе избори во кое било време и да се одржат?
– Апсолутно да. Државната изборна комисија постои како професионално тело со своја стручна служба и работи постојано. Како што кажав и претходно, особено ни е интензивна работата помеѓу изборите и се подготвуваме за успешно да спроведеме избори кога тие и да бидат распишани. Самиот изборен процес е успешно организиран и спроведен само доколку подготвителените дејствија биле успешно спроведени и завршени. Ние за избори постојано се подготвуваме така што сите надлежности на ДИК, апсолутно е подготвена да ги изврши во секој момент кога би биле распишани избори.
Дали успешни избори би можеле да се спроведат со сегашната легислатива, имајќи предвид дека иако се зборуваше за потребата од нов изборен законик или за промена на постојниот, работната група сè уште не е формирана?
– Со Изборниот законик каков што сега е во моментов веќе имаме спроведено изборни процеси и тоа Локалните избори во 2021 година за сите општини и за градот Скопје, како и минатогодишните избори во три општини така што ние како ДИК имаме искуство со изборното законодавство и со имплементацијата на истото. Ќе се сетиме дека во 2021 година првпат имавме воведено изборна технологија односно уреди за биометриска идентификација на гласачите без пилот проект односно се пилотираа на самиот изборен ден во целата држава. И тоа беше своевиден предизвик, меѓутоа ДИК успеа заедно со останатите вклучени во процесот повторно успешно да ги организира и спроведе изборите што е нотирано и во извештаите од меѓународните набљудувачки мисии, овде мислам пред се на мисијата на ОДИХР. Секако ДИК и со овој Изборен законик би ги спровела изборите фер, демократски, и тоа не е под знак прашалник.
Би се соочиле ли со одредени проблеми доколку повторно како што знае да се случи во последен момент се донесат одредени измени на изборен законик. Што ви кажува од искуството од минатите години во кој временски период е најдобро да се донесат измени на регулативата? Колку време е потребно вие да примените нови измени на изборната регулатива?
– Меѓународните стандарди, односно Венецијанската комисија дава свои препораки дека најмалку шест месеци пред организирање избори не треба да има промени во изборното законодаство. Секако промените кои се случуваат во пократок рок, пред изборите или за време на изборниот процес, како што имавме случај во 2021 година носат со себе одредени предизвици при организирањето и спроведувањето на изборите бидејќи некои работи се случуваат првпат, имаме помалку време да се подготвиме и ние, а и останатите чинители на кои се однесуваат измените, бидејќи ДИК организира и спроведува избори, меѓутоа за измените на изборното законодавство треба да бидат информирани сите останати.
Тука, пред сè, мислам на граѓаните на гласачите доколку на нив се однесуваат измените, понатаму политичките партии, независните кандидати како учесници на изборите, граѓанските организации кои ги следат изборите или на кој било начин се вклучени, граѓанските организации со пофокусиран напор и заштита на права на лица со попреленост, заштита на маргинализирани заедници итн., така што мора да бидеме сигурни како општество дека сите тие се информирани за измените и што тие со себе носат во однос на нивното дејствување во изборниот процес.
Ги споменавте новите технологии и апаратите за вчитување отпечатоци од прсти. Дали работи ДИК на зајакнување на ИТ-системот во смисла на превенирање од хакерски напади, кои се зачестени не само кај нас туку и во регионот?
– Апсолутно, ова прашање е актуелно и станува сè поактуелно не само кај нас туку и во светот. ДИК има стратегија и за информатичка безбедност и група којашто се грижи за спроведување на таа стратегија. Понатаму имаме и план на активности заради имплементација на таа стратегија. Тој подлежи на годишно ревидирање, односно да видиме што сме имплементирале, а што не, и дали има некоја потреба од ревидирање на самите активности и цели во стратегијата. Секако сконцентрирани сме на тоа прашање. Во текот на оваа година, односно во првата половина од годината повторно со поддршка на ИФЕС имаме во план и да развиеме е-курс за киберхигиена. Тој би бил наменет за сите изборни органи, не само за ДИК туку за сите изборни органи кои се вклучени во изборниот процес и би бил достапен и отворен на нашата едукативна платформа така што и секој заинтересиран би можел да го проследи тој курс, односно да се стекне со некои дополнителни сознанија како да ја заштити својата приватност, како да се заштити во ова време на онлајн живеење, а поврзано со изборниот процес.
ДИК е лидер меѓу институциите во однос на родовото сензитивизирање. Може малку во детали што значи тоа за ДИК за сите вработени во вашата институција?
– Драго ми е што е сте го забележале тоа, бидејќи навистина во последните години доста работиме на ова поле, особено со поддршка на мисијата на ОБСЕ овде во Скопје. Дел од нашиот тригодишен стратешки план, стратешка определба ни е и родово сензитивизирање не само на ДИК, туку и на останатите чинители кои се поврзани со нас, односно на кои можеме да влијаеме. Сето тоа се прави чекор по чекор.
Најпрво ДИК усвои родов акциски план што во себе има ред активности што ДИК треба да ги спроведе заклучносо 2024 година за да постигнеме некое посакувано ниво во родовото сензитивизирање. Серија обуки се досега направени насочени кон стручната служба на ДИК и е достигнато повисоко ниво на нашите знаења и вештини во однос на родовите аспекти. Минатата година ДИК усвои процедура за заштита и превенција од сексуално вознемирување. Оваа процедура се донесува на сите вработени во ДИК и би рекла дека сме пионери во однос на усвојувањето на една таква процедура, кој што нуди чувство на сигурност на сите вработени во ДИК. Минатата година претседателот на ДИК присуствуваше на годишна конференција организирана од ОДИХР во Виена каде што беше поканет токму поради забележаниот напредок и од нивна страна наш во однос на овие прашања. Ги презентираше досегашните достигнувања на ДИК во овој аспект.
Секако во иднина планираме да направиме уште повеќе. Има наоди во самиот извештај од ОДИХР од 2021 кои се однесуваат на родовите аспекти и планираме во иднина да се фокусираме повеќе на нив. За оваа година испланирани се обуки за родово сензитивизирање насочени кон сертифицираните обучувачи на ДИК и би почнале со претседателите на Општинските изборни комисии, како дел од изборната администрација и развивање на исто така онлајн курсеви, бидејќи исто така сме во оваа ера на технологија, онлајн курсеви за родово сензитивизирање поврзани со изборите. Тоа е еден дел од активностите што ќе ги спроведеме оваа година поврзани со оваа тема.
Дали избирачите можат да ги проверат своите податоци во Избирачкиот список и во овој период без разлика што нема избори, не е предизборие? Вообичаено вие имате повици за проверка на овие податоци во периодот пред изборите во зависност од роковникот за спроведување на изборите.
– Така е. Избирачкиот список постојано е една од главните теми и функции на Државната изборна комисија (ДИК). Апсолутно да, во секое време гласачите можат да проверат дали се запишани во Избирачкиот список. Избирачкиот список редовно се ажурира без оглед дали има или не избори. Четири пати годишно се прави редовно ажурирање и тие пресеци од ажурирањето се објавуваат на нашата интернет-страница, односно на страницата izbirackispisok.gov.mk сите граѓани може да се проверат дали се запишани во ИС и со кои податоци се запишани. И тоа е многу битно, дали се со нивните актуелни податоци, адресни, име и презиме итн. бидејќи често се случува промена на тие податоци и често се случува да не е таа промена рефлектирана во самите изводи од Избирачкиот список на денот на гласање, па тука имаме малку предизвик околу користењето на гласачкото право на тие гласачи. Токму поради тоа секојпат е достапен нашиот Избирачки список на интернет-страницата на ДИК и секој заинтересиран може да се провери во секое време.
Доколку се увиди дека податоците се погрешни или различни, како може избирачите да ги коригираат тие податоци во овој период?
– Ние имаме подрачни одделенија и канцеларии во државата, така што зависно од општината во којашто живее гласач што увидел дека податоците не се точни, односно не се неговите/нејзините актуелни податоци може со својот важечки личен документ каде му се впишани точните податоци да поднесе барање за промена на податоци во соодветното подрачно одделение или канцеларија на ДИК и така неговите податоци ќе бидат ажурирани во списокот.
Госпоѓо Гугучевска, колку години сте портпарол на ДИК и дали сте се соочиле со одредени непријатности, но и убави моменти? Секогаш го претставувате лицето на ДИК во предизборието и за време на изборите.
– Многу фактори се вклучени во одговорот на ова прашање. Пред сè, во ДИК јас работам од 2009 година. Меѓутоа постојано сум ангажирана во секторот за едукација и обуки на ДИК. Улогата на портпарол, покрај ова другото ми беше доделена во 2015 година. Значи веќе осум години сум во улога и еве лицето на ДИК во јавноста. Оваа улога ја имавме заедно со колега кој не е повеќе во ДИК, така што во моментов сега ја вршам само јас.
Како е? Навистина пред сè е голем предизвик бидејќи улогата на портпарол бара од секој кој ја врши таа улога да биде постојано подготвен да одговори на секое прашање кое може да биде актуелно во јавноста. Секако професионален однос. Спремност да се одговори. Спремност да се побара одговор доколку во моментот се нема така што бара навистина голема концентрација и посветеност оваа работа. Мене лично многу ми помага искуството коешто го имам во ДИК еве веќе 14 години. Тоа искуство и вклученоста во голем дел од процесите коишто ги води ДИК ми ја олеснува доста работата.
Како жена која е изложена на јавноста преку сите медиуми, било да е тоа телевизија или социјални медиуми, имам забележано дека е доста потешко да се биде жена во улога на портпарол отколку да се биде маж во улога на портпарол. Зошто си давам за право да го кажам тоа бидејќи доста често, ќе почнам еве со непријатните моменти, сум се нашла во ситуација да прочитам коментари за себе на социјалните мрежи коишто се однесуваат на изгледот, фризурата, тонот на гласот, тоа како сум облечена, очилата итн., коментари кои не се однесуваат на моето професионално известување за работата на ДИК, туку се однесуваат на изгледот мој како личност како жена, додека истото го немам забележано за колегата со кој работевме заедно. Многу ретко има негативни и непристојни коментари за мажите коишто се во улога на портпароли, односно доколку некој зборува за нивниот изглед почесто ги фали отколку што ги критикува.
Во однос на останатите аспекти, да тешко е да се одржи балансот помеѓу професионалниот и приватниот живот, меѓутоа покрај што за тоа се трудам лично, за тоа се труди и ДИК, зборувавме претходно за родовото сензитивизирање, еден од аспектите на коишто ќе работиме е токму и тој, обезбедување баланс на сите вработени, не само за жените туку и за мажите помеѓу приватниот и професионалниот живот, бидејќи во предизборниот период нашето работно време е доста предвидливо меѓутоа во изборниот период којшто трае со месеци е многу непредвлидливо и навистина тешко е да се одржи тој баланс доколку се нема поддршка од самата институција каде што работиш. Така што и ДИК има доста разбирања за сите нас и токму поради препознавањето на таа потреба работиме и на оваа тема обезбедување баланс помеѓу работата и приватниот живот.
Во однос на пријатните моменти, имам доживеано многу повеќе од непријатни во улога на портпарол. Многу често ме среќаваат луѓе на улица со пофални зборови за мојата работа дека ме следат, дека ја следат работата на ДИК дека им се допаѓа начинот на којшто информирам, сметаат дека сум професионална и тоа ми значи. Тие коментари ме водат напред.