Повеќе од 100.000 Израелци трета сабота по ред демонстрираа во Тел Авив против новата влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху поради најавените реформи во правосудниот систем. Уште илјадници други демонстрираа во Ерусалим, Хаифа, Бершеба.
Реформите, како што тврдат противниците, ќе ги загрозат демократските темели на Израел.
Вечерва демонстрантите се собраа на две локации во Тел Авив, на плоштадот Хабима, каде што беа минатата сабота и на улицата Каплан.
Демонстрантите се противат на предлозите на министерот за правда Јаир Левин за слабеење на моќта на Врховниот суд и зајакнување на политичката контрола врз изборот на судии.
Протестираат и студенти и противници на окупацијата на палестинските територии.
Почитуваниот израелски автор Дејвид Гросман се обрати на толпата на антивладиниот протест во Тел Авив оваа вечер.
„Државата Израел е основана за да има едно место во светот каде еврејската личност, еврејскиот народ, ќе се чувствува како дома. Но, ако толку многу Израелци се чувствуваат како странци во својата земја, очигледно нешто не оди наопаку“, вели Гросман.