Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган изјави дека изборите во Турција ќе се одржат на 14 мај, еден месец порано од планираното.
Кабинетот на претседателот денеска објави видео на кое Ердоган го објавува датумот на изборите за време на состанокот со младите гласачи во северозападната провинција Бурса, објави Ројтерс.
„Благодарен сум на Бога што ќе чекориме рамо до рамо со вас, нашата младина која првпат гласа, на изборите што ќе се одржат на 14 мај“, порача Ердоган.
Анкетите на јавното мислење покажуваат дека парламентарните и претседателските избори ќе претставуваат најголем тест за Ердоган во последните 20 години.
Првично беа закажани за 18 јуни, но Ердоган претходно сигнализираше дека гласањето може да се помести.