Провокатори и насилници не смеат да ги нарушат односите помеѓу Македонија и Бугарија, порача македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи од пред софиската болница каде го посети нападнатиот секретар на бугарскиот центар „Цар Борис Трети“ од Охрид. Пред бугарските медиуми Османи вети дека Бугарите во Македонија ќе ги добијат истите права како и сите други заедници, но порака испрати и до тамошните политичари Ангел Џамбаски и Костадин Костадинов дека во Македонија нема место за бугарски политичари кои го навредуваат македонскиот народ како што тоа го направија за време на чествувањето во Скопје на Мара Бунева.
– Ние нема да дозволиме негирање на бугарската заедница во Македонија, но нема да дозволиме ниту негирање на македонскиот народ, и затоа сакам да упатам порака дека и тие провокации дека треба да престанат. Значи секое доаѓање во Македонија со цел навреди кон македонскиот народ, негирање на македонскиот народ, ќе мора сериозно да го адресираме и тоа да биде последно доаѓање во Република Северна Македонија, рече Османи.
За разлика од Османи, неговиот бугарски колега Николај Милков побара да запре говорот на омраза, но само од македонска страна. За насилство нема место во Европската Унија порача Милков.
– Бугарија цврсто инсистира сторителите на овој чин и други слични дела да бидат казнети. Да се стави крај на оваа атмосфера на неказнивост што раѓа ново и ново насилство. сакам да кажам „не” за заживување на „црните традиции” кои историски се поврзуваат со Северна Македонија – палење, пукање и насилство врз луѓето. За такви работи воопшто нема место во Европа и ние сме крајно загрижени поради тоа, рече бугарскиот министер за надворешни работи Милков.