Си-Ен-Ен, Вокс, Вашингтон Пост …оваа зима е одбележана со нова серија отпуштања во американски медиуми, тренд што продолжува во услови на несоодветна економска клима, пренесе Франс 24.
„Јас сум дел од отпуштањата на Ен-Би-Си (@NBCInvestigates. . . .) Ќе ми недостига мојата работа, но благодарна сум за моето време овде”, напиша Емили Сигел на Твитер. Голем број нејзини колеги и новинари од Ем-Ес-Ен-Би-Си или Си-Ен-Ен, на пример, на социјалните мрежи објавија дека се отпуштени, уште во декември.
Во петокот, вработени во VoxMedia сопственици на Вокс, The Verge, SB Nation и New York Magazine добија идентични мејлови од нивниот шеф, Џим Банкоф, објавувајќи ја „тешката одлука да се разделиме со речиси 7 отсто од нашиот персонал”, вклучувајќи ги и редакциите поради тешката економска состојба”.
Многу од засегнатите – речиси 130 од вкупно 1.900 – се огласија на социјалните мрежи за да го изразат својот гнев или збунетост, како што е Меган Мекарон, новинарка која „девет и пол години” работеше за специјализираната веб-страница за ресторани Eater, и која беше отпуштена „во 37-та недела” од бременоста.
Отпуштањата во медиумите не се на скалата на оние во големите високотехнолошки компании како Гугл (кои завчера укинаа 12.000 работни места), но медиумите се исто така погодени од „падот на приходите од реклами и забавувањето на економијата” објасни Крис Рауш, професор по новинарство на Факултетот за комуникации на Универзитетот Квинипиак во Конектикат.
„Многу од нив се развиваа со надеж дека ќе ја зголемат својата публика на одредено ниво. Ова не се случи и не е особено веројатно да се случи со оглед на економскиот контекст”, додаде тој.
Работните места во редакциите ширум САД долго се намалуваат, при што бројот на новинари се намали од 114.000 во 2008 година на 85.000 во 2020 година, според студијата на Истражувачкиот центар Пју од 2021 година.