Министерот, односно негови високи структури, каде е вмешана и внатрешната контрола во МВР, по секоја цена, спротивно на закон, спротивно на сите процедури во овој момент преземаат мерки, незаконски дејствија на секаков начин неосновано да се оцрни работата на Синдикатот на полицијата во Македонија, иако тоа е забрането и МВР не може да се меша во работата и дејствувањето на синдикатот, изјави на денешната прес-конференција претседателот на СПМ, Орце Коцевски.
Од синдикатот упатуваат прашање кон министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, дали е целта да се згасне синдикатот заради тоа што истиот се бори против незаконските работи што се прават врз работниците.
– Скандалите кои секојдневно излегуваат го говорат спротивното од она што го говори министерот. Замислете до нас допреа гласини дека постои закана дека Министерството ќе ни ја забрани членарината што им се сопира на членовите само заради тоа што ја кажуваме вистината за која знаеме дека некого тоа многу го боли, истакна Коцевски.
Тој ги повика надлежните институции, премиерот Ковачевски и амбасадите да преземат мерки и да го запрат, како што кажа, незаконското дивеење на МВР и порача дека нема пример во светот каде министер за внатрешни работи згаснал синдикат и дека тоа нема да се случи ниту сега.