Присила Присли, поранешна сопруга на легендата на рокенролот Елвис Присли, поднесе правно барање да ја оспори валидноста на тестаментот на нивната покојна ќерка, објави Би-би-си.
Лиза Мари Присли, единственото дете на парот, почина на 12 јануари на 54-годишна возраст од срцев удар. Со поднесокот до судот се оспорува дополнувањето на тестаментот на Лиза Мари од 2016 година, со кое Присила е отстранета како управител на имотот.
Според адвокатите на Присила, нејзиното име е погрешно напишано на документот и потписот изгледа необичен. Во поднесокот пред Врховниот суд во Лос Анџелес, адвокатите на 77-годишната Присила тврдат дека таа станала свесна за наводната измена од 2016 година дури по смртта на Лиза Мари.
Дополнувањето на тестаментот ги отстранува Присила и поранешниот деловен менаџер Бери Сигел како коизвршители и ги заменува со нејзините деца Рајли (33) и Бенџамин Киу. Бенџамин почина во 2020 година на 27-годишна возраст.