Вработените од Министереството за финансии претпладнево на мирен протест пред министерството, во знак на револт зошто првиот финансиер Бесими ја поништи одлуката за зголемување на јануарските плати за 30%.
Протестот не беше најавен. Траел кратко за време на паузата, па освен фотографиите, новинарските екипи не затекнаа никој пред институцијата, ниту некој сакаше да говори пред камера.
Остра реакција пристигна од синдикатот на УПОЗ кои велат дека по повлекувањето на одлуката на Бесими, револтот и разочарувањето кај вработените е огромен.
„Министерот за финансии денес реши да направи кривично дело и да го прекрши законот кој го бранеше пред само неколку дена. Спротивно на сите правни норми решил да ги повлече сите решенија кои вработените веќе ги добиле. Дали поради самоволието на министерот, ќе доцни исплатата на платите во јавниот сектор ?!“ прашуваат меѓудругото од УПОЗ.
Од Финансии потврдуваат дека Бесими се предомислил. Во долго соопштение објаснуваат зошто вработените за повисоки плати ќе треба да почекаат друго законско решение.
„Интенцијата беше решавање на прашањето во насока на обезбедување соодветни и фер услови согласно одговорноста. Но, бидејќи со оваа одредба на Законот не може, да се постигне самата цел на Законот, односно наградување на сите тие што се вклучени во подготовката и спроведувањето на државниот буџет, поради неможноста на утврдување на специфичноста на работните задачи и посебната одговорност која произлегува од работната позиција, примената ќе ја регулираме со допрецизирање на одредбата од Законот за Буџети или со самиот Закон за систем на плати во јавниот секторот, кој е во завршна фаза на подготовка како системско решение во рамки на јавниот сектор.“ Министерство за финансии
Одлуката на Бесими да ги зголеми платите само во неговото министерство претходно предизвика револт во останатите државни институции.
„Вработените во финансии земале најниски плати и токму поради тоа голем број си давале откази. Министерот стравувал дека институцијата ќе остане без вработени па токму тоа беше и образложението зошто ја донел одлуката да ги зголеми платите за 30% од јануари.“