Владата на денешната 122 владина седниц аго утврди текстот на Предлогот на закон за данок на солидарност.
Придонесот за солидарност, според посоченото од Министерството за финансии, треба да дејствува како редистрибутивна мерка за да се осигура дека предметните компании, коишто оствариле вишок профит поради неочекувани околности, пропорционално придонесуваат за ублажување на енергетската криза на внатрешниот пазар.
Со цел да се изврши корекција на пазарната дисторзија и да се обезбеди редистрибуција на товарот на негативните последици од кризата, како што е објаснето од Министерството за финансии, повеќе земји од светот воведоа или најавија дека ќе воведат т.н. данок на екстра профит (Хрватска, Бугарија, Грција, Унгарија, Велика Британија, Италија, Шпанија, Германија).
Воведувањето на овој данок има солидарна функција и ќе обезбеди финансиски средства што во целост ќе се користат за финансирање на Програма за мерки за справување со кризата.
Утврден е текстот на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за стоковите резерви, со примарна цел да се опфати оризот како производ од исклучително значење и да се создадат услови за негово чување како стоковни резерви, во вид на оризова арпа.
Владата на денешната седница го утврди и текстот на Предлогот на Законот за изменување на Законот за буџети.
Предложените законски измени се во насока на бришење на одредбата за зголемување на платите на вработените во Министерството за финансии за 30 проценти поради, како што е објаснето од страна на Министерството за финансии, неколку причини. Тоа се: неможност од утврдување на специфичноста на работните задачи и посебната одговорност којашто произлегува од работното место, со цел допрецизирање на законот за буџети и имајќи предвид дека Законот за системот на плати во јавниот сектор е во постапка на донесување.
Владата ја разгледа и усвои и Информацијата за Програмата на економски реформи 2023 – 2025 година и го разгледа и прифати текстот на Програмата.
И овој документ, според соопштеното од страна на Министерството за финансии, е изработен согласно насоките дадени од страна на ЕК, каде освен среднорочна макроекономска и фискална рамка, вклучени се и 19 клучни секторски структурни реформи за зголемување на конкурентноста и растот на економијата. Во Програмата, како клучни предизвици за конкурентноста и растот се идентификувани: зајакнување на човечкиот капитал за инклузивен развој, поттикнување на зелената транзиција, подобрување на конкурентноста на домашните претпријатија, нивната интеграција во глобалните синџири на вредност и формализација на економијата.