После десет години постоење Партија за економски промени 21 (ПЕП 21), го продолжува политичкиот пат заедно со граѓаните како Десница, она што изворно е во оснивачите и членството уште кога се вклучивме на политичката сцена. Членството на Собрание одржано во мај минатата година даде иницијатива која во ноември истата година на вонредно Собрание резултираше со Одлука за промени. Од денешен аспект, согледуваме дека сме го направиле вистинскиот чекор и избор – ребрендирањето на партијата да го означи и нашиот самостоен пат. Членство почувствува потребата не само од ребрендирање туку и потреба пред се да се промени начинот на дејствување на партијата во интерес на граѓаните и Македонија, велат од партијата.
Десница, како што појаснуваат, се залага за влез во ЕУ со целосно зачуван интегритет, идентитет, историја и јазик. Според оваа партија, приклучувањето на Македонија во Европското семејство не смее и не треба да биде по цена на нејзино разнебитување, уценување и понижување, како од надвор така и од внатре од ниту еден политички субјект или институција.
„Десница не може и не сака да биде дел од лоши и штетни одлуки и политики за државата и граѓаните. Не може да гледаме постојно коленичење без трунка гордост.
Не може да останеме неми на секојдневното разочарување на луѓето од неправдите, омаловажувањето, корупцијата и криминалот, како и стравот, неизвесноста и несигурноста кои ги чувствуват се посилно и се повеќе од ден на ден. Економскиот стандард и социјален статус на македонските семејствата секој ден оди надолу. Иселувањето зема поголем замав и заминуваат цели семејства надвор од Македониј и тоа не привремено, туку долгорочно. Не може да кажеме дека е добро, растат платите, а да премолчуваме дека три пати повеќе растат трошоците и се намалува куповната моќ на граѓаните“, велат од Десница.
Десница, додаваат од таму, бара промена и на изборниот модел со кој Македонија ќе биде една изборна единица со цел да се овозможи вистинска парламентарна демократија и фер услови подеднакви за сите партии, без разлика дали се мали или големи, кои се регистрирани денес, пред 10, 15 или 30 години. Јавните заложби дека наводно сите политички партии сакаат една изборна единица, како што велат од таму, ќе бидат искрени оној момент кога ќе се реализираат и во пракса.
„Сите сме сведоци дека постојано пред секои избори наводно нема време за спроведување на овој изборен модел кој најреално би ја отсликал волјата на граѓаните“, посочуваат од Десница.