Агенцијата за борба против организиран криминал и корупција ќе заглави во системот без реформи во правосудството

Aко остане проблемот со правосудниот систем и не се случат суштински реформи во судството и обвинителството и најавената Агенција за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција нема да даде никакви резултати, сметаат експерти.

-Криминалот ги разорува институциите и го кочи демократскиот развој на државата. Криминалот стана вредносна категорија, а не зло со кое мораме да се справиме. Криминалот е навлезен во сите пори на општественото живеење. Народот не може да создаде толку колку што власта може да растури и украде, вели пратеникот Павле Трајанов, предлагач на законот за Агенција за борба против тешките облици на криминал и висока корупција.

Со законот се предвидува формирање на независна Агенција, која ќе открива тешки кривични дела од организиран криминал, ќе го открива криминално стекнатиот имот на политичарите, ќе предлага конфискација на имот и забрана за политичко дејствување. Вакви агенции се формирани во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Англија и во многу други држави.

Агенцијата би ги координирала Финансиската полиција, Државната комисија за спречување на корупцијата, Управата за јавни приходи, Агенцијата за национална безбедност, полицијата и други институции, меѓу кои, според Трајанов, сега има криење информации.

-Со овој Предлог-закон за Агенција за борба против тешки облици на организиран криминал и висока корупција, се отвора вистинска, а не само вербална војна против организираниот криминал и високата корупција, односно ги реафирмира автентичните општествени вредности и да обезбеди генерална превенција од разорното дејство на организираниот криминал, рече Трајанов.

-Таму каде што ќе утврди или ќе детектира имот стекнат на криминален начин или надвор од приходите на носител на јавна функција задолжително ќе предлага конфискација. Исто така ќе предлага мерка забрана за политичко дејствување, да не може повторно тој со огромниот капитал ако не му се открие по некоја година пак да се врати во политиката, и повторно да се вклучи во корупција, појаснува Трајанов.

Во оваа насока е и најавениот нов Кривичен законик, кој носи новитети во неколку клучни сегменти.

-Со новиот Кривичен законик се врши редефинирање и хармонизација на пропишаните казни за одредени кривични дела кои отстапуваа од целите на казнената политика. Од досегашната примена на Кривичниот законикможеме да констатираме дека примената на мерката конфискација претставуваше особена слабост. Новините во оваа сфера имаат за цел отстранување на лоцираните слабости со што ќе се зголеми ефикасноста во примената на овој институт. Исто така, одредбите за конфискација се целосно усогласени со Европската конвенција за човекови права и јуриспруденцијата на Судот во Стразбур, смета министерот за правда Владимир Тупанчески.

Професорот од Правниот факултет „Јустинијан Први”, Гордан Калајџиев смета дека формирањето на една нова институција, која што во посебен аспект би го нападнала криминалот и корупцијата, не треба да се сфати како причина да ги запоставиме унапредувањето и на техничкото опремување, обуките и институционалната опременост генерално, како и јакнењето на другите институции, откривачки или оние што се занимаваат со превенција и слично.

-Моторот на организираниот криминал е партизацијата на општеството, бидејќи партиите освен реторика, немаат никаква намера нешто конкретно да понудат во оваа област. Голем проблем во државата се институциите кои го откриваат криминалот, бидејќи статистиките покажуваат многу низок степен на реализација. Оттаму, добредојдена е секоја иницијатива која предвидува формирање независен орган за откривање криминал, истакна Калајџиев.

Агенцијата, појаснува Трајанов ќе има директор поставен од борд од 15 члена од повеќе области, меѓу кои професори, новинари, обвинител, пратеници… Вработените, кои според предлогот би требало вкупно да ги има околу 50, ќе имаат посебни областувања. Тие при вработување треба да поминат и полиграфско тестирање со што би докажале дека ќе имаат чесни намери во извршувањето на нивната задача.

-Се покажа дека досегашните институции се партизирани. Значи со нив раководат партиски луѓе, тие што ги поставува партијата. Тие не се отпорни, не се имуни на партиските, не се отпорни на бизнис-влијанијата, на коруптивните процеси што се случуваат во државата. И затоа предлагаме независна агенција, каде што директорот ќе го поставува борд, почитувани луѓе со интегритет…, појаснува Трајанов.

Според претседателката на Транспаренси Интернешнал, Слаѓана Тасева, една ваква нова институција сѐ уште нема да го даде посакуваниот резултат ако и понатаму остане проблемот со правосудниот систем.

-Досега не се покажани резултати во борбата против организираниот криминал. Проблемот на политизација на институциите и понатаму постои. Смета дека треба да се побара соодветно решение за системот со цел справување со висока корупција. Слаба точка се судовите. Сега е вистинското време да се направи сериозен исчекор, инаку и понатаму ќе се соочуваме со неуспех. Очигледно е дека работите остануваат непроцесирани, а сторителите остануваат неказнети, потенцира Тасева.

Новинарот Саше Димовски смета дека е неопходно законот, како таков, да обезбеди офицер за врска кој ќе одговара веднаш.

– Да не ни се случи да добиеме уште една институција која ќе биде во стилот испраќање иницијативи, а со месеци и години да не знаеме што се случува. Оваа институција да има можност во секој момент да дава информации, рече тој.

Димвски потенцира дека би го поддржал законот само доколку во пакетот се другите системски закони кои што се донесуваат на правосудството.

-Неопходно ќе биде сериозна политичка волја за реализација на овој проект. Доколку тоа се обезбеди, судството ќе мора да го следи во чекор, бидејќи без суштински реформи во судството и обвинителството, може да се случи да добиеме уште една институција заглавена во системот, смета Димовски.

Треба да знаете
Последни објави