Мис Русија вели дека натпреварувачите на годинешниот „Избор на мис универзум“, другите натпреварувачки ја избегнувале и оти изборот бил наместен.
Во Њу Орлеанс, САД, пред неколку дена се одржа 71. натпревар, а победничка е Американката Р’Бони Габриел. Русинката Ана Линикова и мис Украина, Викторија Апанасенко, исто така, беа меѓу натпреварувачките. Претставничката на Русија вели дека се соочила со постојани напади, навреди и закани од украинските интернет-корисници, па дури и негативни коментари од познаници. Таа не сакаше да коментира за војната, иако Викторија ја прашала за мислење и став. Ана вели дека таа е тука за натпреварот.
– Многумина ме избегнуваа и се оттргнуваа кога ќе чуеја за моето потекло. Девојки од Украина и Швајцарија бегаа од мене „како од оган“. Покрај тоа, сè околу изборот на првите 16 девојки беше „чиста политика“, изјави Ана за „Вечернаја Москва“.
Таа вели и дека тоа што не се пласирала во финалето на натпреварувањето нема никаква врска со квалитетот на нејзиниот настап.
– Се обидов да стапам во контакт (со Украинката Апанасенко), но сите напори беа залудни. Сите го видоа демонстративното однесување на Викторија – тоа е нејзин избор, а јас не држам лутина, изјави Ана.
Украинската мис пак, рече дека организаторите „очигледно не размислиле доволно“ за тоа како ќе се чувствува кога ќе се соочи со Русинката во натпреварувањето.
– Повеќе од благодарна сум на „Мис универзум“ за нивната поддршка, но не сум сигурна дека организаторите разбираат какво е чувството за мене да стојам насмеана на иста сцена со мис Русија, а таа облечена во црвен фустан – бојата на крвта, изјави Викторија за „Дејли бист“.
Снимките од групното фотографирање што кружат на интернет покажуваат интеракција меѓу Русинката и Украинката на настанот, при што многумина посочуваат дека Линикова се обидувала да застане веднаш до нејзината „соперничка“. Апанасенко притоа барала од мис Колумбија да си ги заменат местата.