Македонскиот олимписки комитет (МОК) ја повика денеска Владата да го разреши од должноста претседателот на Агенција за млади и спорт (АМС) Наумче Мојсоски поради незаконско работење при распределбата на финансиски средства на спортски федерации и екипи, и „итно да ја замрзне постапката за доделување спортски ваучери која е во тек за 2023 година“.
Претходно денеска Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) донесе одлука да достави иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење на Мојсовски и членовите на централната комисија на АМС поради основани сомнежи за злоупотреба и непочитување на ваучер системот на финансирање фондации и спортски клубови во периодот од 2020 до 2022 година.
Надоврзувајќи се на оваа одлука, МОК во писмо до Владата и вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, посочи дека во „конечниот извештај на Државниот завод за ревизија прецизно се констатирани сите незаконски дејанија во работењето на раководството на АМС„ при „распределба на милионски суми без никаква контрола и механизми“.
-Ја повикуваме Владата и вас лично како најодговорен функционер за оваа сфера, да го исполните јавно даденото ветување за чесно, одговорно и транспарентно работење на од вас избраните и поставени функционери и да го разрешите директорот и комисиите поставени од него и да назначите нови, чесни и професионални лица кои доследно ќе го применуваат законот, правилниците и критериумите за доделување на средства на сите спортски субјекти … Одговорноста за брза и ефективна реакција е ваша и е исклучиво во ваши раце и нема простор за префрлање на вината кај нефункционалниот судски систем, се бара во писмото на МОК до Владата и вицепремиерката Грковска