Нелегалната емиграциска мрежа од Албанија во Велика Британија сè повеќе ја исцрпува земјата од човечки капитал, но дополнително имигрантите трошат големи суми пари, од кои повеќето одат за плаќање на трговците со луѓе, констатира албански „Монитор“.
Повикувајќи се на британските медиуми и официјалната имиграциска статистика весникот пренесува дека во периодот јануари-септември минатата година повеќе од 13 илјади Албанци побарале азил во Британија, при што 11 илјади од нив влегле илегално со чамци преку Ла Манш.
-Просечната исплата за премин беше од 3-4.000 фунти по лице во зависност од деновите. Имајќи ги предвид официјалните извештаи за албанските имигранти кои со чамец влегле во Британија и плаќањата по лице, трговците со луѓе имаат корист од околу 38,5 милиони фунти (43 милиони евра) исплати само од албанските имигранти за период од девет месеци од 2022 година, наведува весникот.
Подетални податоци од окрузите со голема емиграција кон Велика Британија покажуваат дека младите често се задолжуваат со кредит за покривање на патните трошоци.
-Во округот Кукс, од каде емиграцијата кон Велика Британија е најсилна, микрокредитните агенции се соочени со невообичаена побарувачка за кредити кои се користат за иселување. Оваа услуга функционира сè уште бидејќи многу од нив го вратиле заемот по заминувањето. Во други случаи, сумите ги обезбедувале со задолжување кај роднини, со заштеда од работа, но имало и друг начин на финансирање, вели Дрини, еден од многуте млади што заминале.
Тој изјави дека мрежата за одгледување марихуана често им плаќа на младите, пренесува „Монитор“.
Дрини, млад човек од Тропоја, за весникот додава дека работел речиси три месеци во одгледување на мархуана во Лондон додека не го платил долгот и сега избрал да се фокусира на легална работа.
Дрини дипломирал на универзитетот во Тирана, но не можел да најде работа во Албанија за која се плаќа повеќе од 50.000 лека( 30 евра), што според него, е износ „недоволен за почеток на живот“.