Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, е задоволен од победата над Валенсија од 2:0. Сепак, триумфот беше засенет со повредите на Карим Бензема и на Едер Милитао .
Според Анчелоти, проблемот на Французинот не е сериозен, но Милитао дефинитивно ќе го пропушти натпреварот против Мајорка в недела.
„Добро се снајдовме. Вистината е дека сме во добар период. Во првото полувреме не бевме убедливи, но тоа е нормално. Во вториот дел противникот го намали интензитетот на играта и ние тоа го искористивме. Што се однесува до повредите, онаа на Милитао изгледа посериозно од проблемот на Бензема. Бразилецот дефинитивно нема да игра в недела“, изјави Анчелоти.
Тој е среќен што триумфот над Валенсија е остварен без примен гол.
„Имаме фудбалери со неверојатна индивидуална класа. Кога ќе одиграме добро, тоа ни дава предност. Многу е важно и дека не примивме гол. Кога ќе имаме стабилност во одбраната, ќе имаме и успеси“, убеден е Италијанецот.