Заради подобар тек на настанот од МВР подготвуваат распоред на делегациите по кој ќе се одвива чествувањето, а во Св.Спас ќе можат да влезат и да положат свеќе само тие што пријавиле однапред и максимум по тројца во делегациите. Тоа значи дека колку и да дојдат од Бугарија не ќе можат сите да влезат во црквата, туку ќе бидат преставени од трочлена делегација, а тие што не се најавени, нема да можат да го сторат тоа.
Инаку, министерот Оливер Спасовски вчера повтори дека утре, на самата граница, ќе одлучат дали некому ќе му забранат влез во Македонија. За најавите дека ќе дојдат околу 150 лица од Бугарија рече дека разменуваат податоци со колегите од Софија.
„Македонската полиција постапува самостојно, по претходно изготвен оперативен план и е подготвена во целост, не само за овој настан, туку за сите настани, не само за оваа пригода, туку за сите пригоди, во било какви услови – да направи сѐ за да ги сочува мирот и стабилноста на државата и граѓаните“, изјавија од МВР.