Шкотскиот прволигаш Абердин влезе во сериозна резултатска криза, а за тоа цената ја плати менаџерот Џим Гудвин кој беше отпуштен по срамниот пораз од Хиберниан од 6-0.
Сега тимот за кој настапува македонскиот репрезентативец, Бојан Миовски е во потрага по нов предводник, се спомнуваат неколку имиња, група во која е и некогашната легенда на Манчестер Јунајтед, 51-годишниот Двајт Јорк.
Екс членот на Астон Вила, Блекбурн, Сандерленд и Бирмингем е без ангажман откако ја заврши приказната со МекАртур од Австралија, поточно е спремен за предизвик кој може да го добие во Шкотска. Двајт своевремено освои многу титули со Јунајтед, беше член на славната генерација која ја освои тројната круна во кампањата 1998/1999, а со оглед на тоа што и беше напаѓач тој сигурно ќе може да му помогне на Миовски да напредува.
Бојан со 12 погоди е на третото место на листата на стрелци, Абердин со 29 бода е на 7. позиција на табелата.