САД го засилија притисокот врз сојузниците од Блискиот Исток за да ја протераат групата Вагнер, (воена формација тесно поврзана со рускиот претседател), од Либија и Судан, каде таа се прошири во последниве години, изјавија регионални претставници.
Напорите на САД кои ги опишаа официјалните лица следат во момент кога администрацијата на Џо Бајден врши голем притисок против платениците.
САД во последните месеци воведоа нови санкции за групата Вагнер поради нејзината се поголема улога во војната во Украина.
Групата е во сопственост на рускиот олигарх Евгениј Пригожин, близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин.
Пентагон го опиша како сурогат на руското Министерство за одбрана, додека Кремљ негира каква било поврзаност.
Администрацијата на Бајден со месеци работи со регионалните сили Египет и Обединетите Арапски Емирати за да изврши притисок врз воените лидери во Судан и Либија да ги прекинат врските со групата, тврдат либиски, судански и египетски претставници.
Тие побараа анонимност за да зборуваат слободно, бидејќи не се овластени за тоа да разговараат со медиумите.
„Американските власти се опседнати со Вагнер. Тоа е главна тема на секој состанок“, изјави висок функционер на египетската Влада со директно сознание за преговорите.
Групата не ги објавува своите активности, но нејзиното присуство е познато од извештаите од теренот.
Во Судан, првично беше поврзана со поранешниот моќник Омар ал-Башир, а сега работи со воените лидери кои го заменија.
Во Либија се поврзува со воениот командант Калифа Хафтер, со седиште во источна Либија.
Вагнер распореди илјадници оперативци во африканските и блискоисточните земји, вклучувајќи ги Мали, Либија, Судан, Централноафриканската Република и Сирија.
Нивната цел во Африка, велат аналитичарите, е да ги поддржат интересите на Русија во услови на зголемен глобален интерес за континентот богат со ресурси.
Експертите за права кои работат со САД на 31 јануари ја обвинија групата за можни воени злосторства и злосторства против човештвото во Мали, каде се бори заедно со владините сили.