Ќе се изготват измени на Законот за буџети со кои конкретно ќе се дефинира на кои вработени во Министерството за финансии ќе им се зголемат платите, најави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Ковачевски нагласи дека ова е предлог на ресорниот министер Фатмир Бесими по низата реакции од страна на синдикатите и други интересни групи.
Премиерот е дециден дека во Министерството за финансии има експерти кои треба да добијат повисоки плати зашто вршат исклучитлно обемна и одговорна работа. Се работи, рече, за експерти кои имаат минимум 20-годишно искуство и познавања во својата област.
Осврнувајќи се на останатите сектори, Ковачевски порача дека секоја институција, вклучително и претседателот на државата, кога потпишува колективни договори, мора да ги земе предвид буџетските рамки.
-Бидејќи министерот за финансии е човек со високо ниво на интегритет, тој предложи да се направи законска измена која ќе дефинира критериуми и лица круцијални за МФ. Не можете да замените човек со 20-годишно искуство, со познавање техники на финансии и да кажете „од утре ќе имаме нов вработен“. Можете, но ќе ги немате вештината, експертизата и знаењето, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање по посетата на „Виталиа“.
Тој како посебно битни во Министерството за финансии ги посочи секторите за буџети, за трезор, за меѓународни финансии и секторот што го менаџира управувањето со европската помош, европските фондоио и проекти.
Во Законот за буџети беше регулирано зголемување на палтите на вработените во МФ за 30 отсто.
-Интенцијата беше многу важна – да се зголемат платите на луѓето чиј труд чини многу повеќе од тоа што може да бидат платени согласно постојната регулатива. Но, со оглед дека по носењето на тој закон се појавија одредени негодувања од страна на синдикати и разни интересни групи, министерот за финансии, како човек со високо ниво на интегритет, оцени дека треба да се додефинира кои се тие вработени што ќе добијат зголемување, заклучи премиерот Ковачевски.