Осуммина мигранти кои тргнаа од Тунис се удавиле или починале од глад и студ, 42 се спасени, а двајца се водат како исчезнати откако синоќа спасувачите го пронашле нивниот чамец во близина на италијанскиот остров Лампедуза, јави денеска италијанската агенција Анса.
Телата на пет мажи и три жени, од кои едната била бремена, ги пронашле спасувачите од бродот на крајбрежната патрола.
Како што соопштија спасувачите и полицијата, сите мигранти биле смрзнати и дехидрирани, а тие рекле дека го напуштиле Сфакс во Тунис минатата сабота, откако со месеци биле затворени во една куќа во градот Махдиџи.
Преживеаните мигранти рекле дека на бродот имало жена со четиримесечно бебе кое починало од студ за време на патувањето, а мајката од очај го фрлила телото на бебето во морето, по што мажот кој се обидел да го извлече телото од брановите се удавил.