Кошаркарите на Денвер вечерва го победија тимот на Голден Стејт со 134:117, а српскиот центар Никола Јокиќ го оствари својот 17-ти трипл-дабл сезонава во домашниот тим.
Во средината на втората четвртина актуелните шампиони во НБА водеа со 11 поени разлика (55:44), но до крајот на полувремето Денвер успеа да направи пресврт и да поведе со 70:69. Денвер дојде до клучна предност на крајот од третата четвртина која заврши со резултат 105:91.
Најефикасен во домашниот тим беше Џамал Мареј со 33 поени, осум асистенции и пет скока. Јокиќ, кој беше прогласен за најдобар играч на јануари во Западната конференција, забележа 22 поени, 16 асистенции и 14 скока, додека Кентавиус Калдвел-Поуп постигна 18 поени.
Словенечкиот играч Влатко Чанчар, Мајкл Портер Јуниор и Брус Браун постигнаа по 17 поени во Денвер. Арон Гордон не играше поради повреда.
Во тимот на Голден Стејт подобар од останатите беше Стивен Кари со 28 поени, со пет скока и асистенции, Џордан Пул додаде 22 поени, а Џонатан Куминга запиша 17 поени и седум скока.
Денвер води во западната конференција со 36 победи и 16 порази, додека Голден Стејт е на деветтото место со скор 26/26.
Далас на домашен терен го победи Њу Орлеанс со 111:106 и му го нанесе 10-от последователен пораз. Тимот од Тексас водеше со 84:56 во средината на третиот период, кога теренот го напушти словенечкиот играч Лука Дончиќ поради повреда на петицата. Гостите успеаја да се доближат до крајот, но не и да победат.
Дончиќ постигна 31 поен за домашниот тим, заедно со осум скока и четири асистенции, Спенсер Динвиди постигна 21 поен, а Џош Грин постигна 15 поени. Брендон Инграм имаше најдобар учинок во гостинскиот тим со 26 поени, девет скока и седум асистенции, Си Џеј МекКалум додаде 19 поени, со осум асистенции, додека Јонас Валанчиунас имаше дабл-дабл со 16 поени и 13 скока.
Далас е четврти на Западот со скор 28/25, а Њу Орлеанс е на 10. место со 26 победи и 27 порази.
Лос Анџелес Лејкерс на гости ја победи Индијана со 112:111, а клучниот поен го постигна Ентони Дејвис на 35,3 секунди до крајот. На почетокот на последната четвртина Индијана водеше со плус 14 (98:84), но Лејкерси подоцна направија пресврт и го остварија вториот врзан триумф.
Дабл-дабл кај гостите оствари Дејвис со 31 поен и 14 скока, а Леброн Џејмс запиша 26 поени и по седум скока и асистенции. На Џејмс сега му недостасуваат 63 поени за да го израмни рекордот на Карим Абдул-Џабар во НБА-лигата (38.387).
Во домашниот тим, Тајрис Халибартон оствари дабл-дабл со 26 поени и 12 асистенции, Арон Нејсмит додаде 24 поени, а Мајлс Тарнер забележа дабл-дабл со 20 поени и 13 скока.
Милвоки го победи Лос Анџелес Клиперс со 106:105. Јанис Адетокунбо со 54 поени и 19 скока го предводеше домашниот тим до шестиот последователен триумф.
Чикаго на домашен терен беше подобар од Шарлот со 114:98, а дабл-дабл во победата на својот тим оствари црногорскиот кошаркар Никола Вучевиќ со 17 поени и 12 скока.
Победи на свој терен забележаа и екипите на Њујорк Никс и Кливленд. Никс го победија Мајами со 106:104, додека Кливленд го совлада Мемфис со 128:113.