Пентагон објави дека втор кинески шпионски балон, е забележан над Јужна Америка.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен го откажа претходно најавеното патување во Кина.
– Добиваме извештаи за балон над Јужна Америка. Нашата проценка е дека станува збор за уште еден кинески балон за набљудување – изјави портпаролот на Пентагон, Пет Рајдер, еден ден откако првиот балон беше виден над американското небо.
Пентагон не ја објави точната локација на вториот балон, но американски официјален претставник изјави за Си-Ен-Ен дека се чини дека не се движи кон САД.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи во петокот изјави дека балонот бил цивилен и се користи за метеоролошки и други научни цели и дека непланирано скршнал од предвидениот курс.