Иницијативите за законско нормирање на холдингот, за промена на даночниот третман на кусоците во малопродажбаи и за стопански фондации се само дел од предлозите и идеите на искусниот стопанственик и менаџер Гоце Камчев, кои Комората ги разработи и предложи до надлежните институции.
Bчера не напушти Гоце Камчев, еден од успешните бизнисмени на фамилијата Камчеви, натурализиран охриѓанец, а со тоа и мој голем пријател. Животниот век го посвети на бизнисот и фамилијата, служејќи на двете работи како примерен војник, до самиот крај.
Но, Гоце беше и еден од најголемите предлагачи на суштински иницијативи за развој на бизнисот, a уште повеќе и за државата. Беше покрај мене на сите важни преговори со Владата, МАНУ, универзитетите, секаде каде што требаше мудрост и искуство. Во секојдневната комуникација-ненаметлив и одмерен. Во бизнисот- бескомпромисен. Изгради регионална империја со која Македонија може да се гордее.
Во мојата книга „Една слика, илјада зборови” има посебен дел за него и ценам дека треба да биде пренесен:
Гоце Камчев, сопственикот на маркетите КАМ, го запознав во 1998 година, кога во хотелот „Александар Палас” ми го образложуваше концептот за новиот начин на работа на малопродажните дисконти. Заедно со неговата ќерка Тања, зрачеше од верба и оптимизам дека искуствата од Германија ќе бидат пренесени тука кај нас. Тој концепт помина низ страшни маки, но на крајот донесе големи резултати. Во меѓувреме нашето пријателство се надградуваше.
Мојата прва средба со господинот Гоце Камчев во Комората беше специфична по неколку работи, кои ги отсликуваат и неговите особини како искусен бизнисмен:
Прво, средбата започна со неговата остра реакција за допис добиен од Стопанската комора, а заврши со честитки за професионалноста и познавањето на правната регулатива на нашиот персонал. Тоа се случи во април 2014 година, кога КАМ како членка на Комората побарала од коморските служби мислење за споредбено рекламирање, согласно Законот за заштита на потршувачите, во врска со рекламите кои маркетите „Кам” ги објавувале во дневните медиуми и на своите продажни објекти, а од инспекциските служби биле посочени како заведувачко рекламирање. Од Комората добил одговор односно мислење, во кое е цитирана релевантната домашна и меѓународна регулатива, согласно која се наведени правилата за споредбено рекламирање, односно дека не е доволена споредба на цени на исти артикли и на група артикли кои се продаваат во конкуретски компании, како и споредба на цени на многу слични артикли, но од различни брендови, според примерите кои ги навеле во барањето, што беше причина за реакцијата – како е можно за членка на Комората да се даде еден вид „негативно” мислење?
Второ, средбата во Комората траеше околу пет часа. На неа беше повикана и Елена Милевска Штрбевска, која во улога на оперативен директор на Комората требаше да појасни зошто Комората дала такво мислење. Спротивставувањето на аргументите меѓу Гоце и Елена личеше на едно судско рочиште, а канцеларијата беше распослана со примери на огласи за реклами од „Алди” и „Лидл” од страна на Гоце, и службени весници и правилници од страна на Елена. По долго аргументирање, средбата заврши со честитки за објективноста и познавањето на регулативата од страна на нашите правници. Но, мора да признаам, воопшто не изгледаше лесно, а доблеста да се каже „браво” по сето тоа, е нешто што господинот Камчев го отсликува како исклучителен професионалец, човек кој воопшто не е суетен, ниту субјективен, човек кој знае да цени нечиј труд и знаење.
Почивај во мир мој пријателе!
Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Северна Македонија