Во Културниот центар во српскиот град Лесковац синоќа беше отворена изложбата „CAN for Balkans“, како дел од истоимениот меѓународен проект во чија имплементација е вклучен и Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес.
Станува збор за мултимедијална, групна изложба, која е меѓу досега најобемните во регионот, посветена на историскиот стрип на Балканот. Покрај неколкуте стотици стрип-табли на автори од Романија, Србија и Албанија, изложени се дела во авторство на Македонци.
Изложба „CAN for Balkans“ е составена од две тематски целини, од кои на првата се презентирани графичко-секвенцијални дела пристигнати на минатогодишниот меѓународен стрип-конкурс на тема „Балканот низ историјата“, на кој меѓу наградените беше и Славица Купенкова од Скопје. На втората, која е резултат од повеќегодишните истражувачки студии за историскиот стрип на Балканот, изложени се најрепрезентативните историски стрипови на романски, српски, албански и македонски автори, односно на историски стрипови од земјите од каде што се партнерските организации на проектот.
Од македонските стрип-автори, со свои дела на групната изложба „CAN for Balkans“ се претставени Љубомир Филиповски, Диме Иванов-Димано, Миле Топуз, Драган Ташковски, Илија Јордановски, Дарко Богданов и Александар Стеванов, од кои последниот се јавува и во улога на истражувач и селектор на изложените македонски дела. Воедно, на изложбата беше претставена и публикација во која се објавени истражувачките студии за историскиот стрип на Балканот, со акцент на стереотипите и клишеата, вклучително и студијата на стрип-хроничарот Стеванов од Штип.
– Истражувачкиот дел од овој проект покажа и докажа дека Македонија има своја историја на стрипот, но и дека историјата е застапена во македонската деветта уметност. Натпреварувачкиот дел , т.е. конкурсот, исто така покажа убава слика за талентот на македонските стрип-автори. Сѐ на сѐ, „Македонецот“ одамна не е „Македонче“ и во оваа културна област, наспроти тезите од т.н. „пријатели“, кои што имаат проблем со македонското културно (и стриповско) миље, македонскиот идентитет, но и јазик, изјави Томе Трајков, стрип-промотор и член на жирито на меѓународниот стрип-конкурс организиран во рамките на проектот „CAN for Balkans“.
На предлог на Стеванов, како најемблематичен лик од македонските историски стрипови е избран едноокиот Самуилов војник Никола, кој на изложбата е поставен на посебно пано, отпечатено во реална величина. Се работи за измислен лик, протагонист во стрипот „Одмазда на еднооките“, премиерно објавен во далечната 1966 година. Како комплетен автор на овој стрип од 30 табли, кој е на тема од македонското средновековие, се потпишува Љубомир Филиповски од Скопје, еден од најплодните македонски стрип-творци.
Отворањето на изложбата беше претходено од тркалезната маса „Балканот во стрипот, стрипот на Балканот“ и од презентацијата на книгата „Југот и стрипот во теоријата“. Осврнувајќи се на целите на проектот, непосредно пред отворањето на изложбата беше одржана дебата на која учесниците дискутираа на тема борба против стереотипите, клишеата и пропагандата во историските стрипови. Освен претставници од партнерските организации на проектот, меѓу кои и Ване Трајков од Велес, на дебатата учествуваа и гости од Босна и Херцеговина и Бугарија.
Проектот и мултимедијалната меѓународна патувачка изложба на историски стрип „CAN for Balkans“, на кураторот Николае Пепене, се реализира со поддршка од Европската Унија, во рамките на проектот „Креативна Европа“. Покрај Стрип центарот на Македонија – Велес, во него се вклучени и Регионалниот музеј во Брашов, Националниот историски музеј во Тирана, Музејот на стрип во Брисел, како и Лесковачкото стрип-училиште „Никола Митровиќ-Кокан“.
Изложбата „CAN for Balkans“ е поставена во Лесковац во рамките на Балканската смотра на млади стрип-автори, што годинава се одржува по дваесет и петти пат. Минатата година оваа изложба на историски стрип беше претставена и во главните градови на Белгија и Албанија, како и во романскиот град Брашов. Само во Музејот на стрип во Брисел, европскиот центар на стрипот, неа ја посетија околу 30 000 вљубеници во деветтата уметност. По нејзиното затворање во Лесковац, во март изложбата ќе биде преселена во Велес, а има најави дека ќе биде поставена и во Бугарија и одново во Романија.