Интер стигна до минимална, но апсолутно заслужена 1:0 победа над Милан во ново издание на градското дерби во рамките на италијанската фудбалска Серија А. „Нераѕурите“ остануваат најсериозен ривал на лидерот Наполи во трката за скудетото, а Милан покажа дека нема решение за кризата во која западна.
„Крвник“ на Милан повторно беше Лаутаро Мартинез, кој во 34. минута по корнерот на поранешниот играч на Милан, Хакан Чалханоглу постигна гол кој на крајот беше доволен и за тримумф. Ова беше седми гол кој Мартинез го постигнал на дуелите против градскиот ривал, со што стана вториот најдобар стрелец за Интер во „Дерби дела мадонина“ по Стефано Најерс, кој има постигнато 11 гола.
Иако овој резултат остана до крајот, тимот на Симоне Инзаги беше апсолутно доминантен во мечот со Милан, доминирајќи со над 60 отсто посед на топката и со 16 обиди кон голот на Татарушану. Лаутаро уште еднаш ја затресе мрежата на Милан во 90. минута, но овојпат голот беше поништен поради офсајд.
Интер остануваат втори на табелата со 43 бода, дури 13 помалку зад лидерот Наполи, додека Милан, за кои ова е трет пораз во низа во Серија А, по понижувачките 2:5 од Сасуоло и 0:4 од Лацио, е шести со 38 бодови.