Висок претставник на американската администрација ги отфрли денеска повеќекратните тврдења на Пекинг дека балонот, кој беше соборен над Атлантикот во близина на Јужна Каролина, бил „едноставно за цивилна употреба“ и дека „случајно“ навлегол во воздушниот простор на САД.
„ Ова беше кинески балон за набљудување кој не случајно ги прелета САД и Канада. Уверени сме дека намерата беше да се следат чувствителните воени локации, бидејќи неговата рута беше во близина на многу потенцијално чувствителни локации, што е во спротивност со објаснувањето на владата на НР Кина дека станува збор за метеоролошки балон – рече неименуваниот американски функционер.
Тој потврди дека над Централна и Јужна Америка бил забележан уште еден „кинески балон за набљудување“ со исти карактеристики.
„ Двата балони носеа опрема за набљудување што вообичаено не е поврзана со стандардни метеоролошки активности или цивилни истражувања“, рече американскиот функционер.
Тој исто така тврди дека Кина е способна „активно да ги контролира балоните и да ги насочува на одредени локации“, бидејќи тие се опремени со мотори со мали пропелери. Како што рече, Кина со години користи такви балони за набљудување, кои се откриени на пет континенти.