Претседателот Стево Пендаровски денеска со највисоки државни и воени почести ја пречека претседателката на Унгарија, Каталин Новак, која престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
Во рамки на посетата, покрај тет-а-тет средбата, се одржа и пленарен состанок на официјалните делегации на Северна Македонија и Унгарија, по што претседателите Пендаровски и Новак одржаа заедничка прес-конференција.
Во продолжение е интегралниот текст од изјавата на претседателот Пендаровски.
Почитувана претседателке Новак,
Почитувани претставници на медиумите,
Денеска имам чест и задоволство да сум домаќин на претседателката на Унгарија, чија посета се реализира по изминати речиси 20 години од последната официјална посета на унгарски претседател на нашата држава.
Сметам дека оваа посета што се остварува во време на неколку глобални кризи е значајна за развојот на билатералните односи од два аспекти: прво, ќе даде дополнителен стимул за унапредување на нашата соработка во повеќе сфери од заеднички интерес, а од друга страна претставува потврда на досегашното партнерството меѓу двете држави. Политичкиот дијалог на највисоко ниво говори за меѓусебната почит и разбирање, онака како што доликува на две европски држави.
На нашата втора средба во изминативе три месеци, со претседателката Новак имавме искрен и конструктивен разговор во кој ја потврдивме заедничката посветеност за блиска соработка во евро-атлантското семејство како кредибилни партнери во НАТО Алијансата, а се надевам во блиска иднина и како рамноправни членки на Европската Унија.
Неспорно, Унгарија е една од најгласните и најактивните членки на Европската Унија во поддршката на процесот на проширување со земјите од Западниот Балкан и земја која одигра значајна улога во одлуката за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија. На средбата добив уверување дека ќе продолжи оваа поддршка од Унгарија која проширувањето го смета за една од најважните стратешки политики на ЕУ и дека со политичка и советодавна поддршка ќе продолжи да ги промовира македонските интеграции.
Претседателке Новак, во оваа прилика сакам да изразам голема благодарност за вашата континуирана поддршка и да го изразам нашето очекување дека во наредниот период, од Унгарија, но, и од другите земји-членки на Унијата, ќе видиме уште подинамичен пристап и проактивност кон политиката на проширување на Европската Унија.
На средбата разменивме мислења и информации и за безбедносната состојба на континентот и предизвиците на тој план, во контекст на војната во Украина и последиците од неа. Благодарни сме за поддршката на Унгарија за македонското претседавање со ОБСЕ оваа година, година во која сите се соочуваме со сериозни политичко – безбедносни предизвици.
Зборувавме и за регионалната соработка како важен сегмент во евроинтеграциите, при што го посочивме успешниот модел на земјите од Вишеградската група чие што искуство може да биде корисен пример и за земјите на Западниот Балкан.
Со Унгарија имаме динамична економска соработка која е во нагорен тренд. Унгарија е меѓу десетте наши најголеми трговски партнери со трговска размена за минатата година од речиси половина милијарда евра и континуиран тренд на суфицит на македонската страна. Со унгарската претседателка изразивме задоволство и очекување дека овој тренд ќе продолжи и во иднина, а на средбата стана збор и за економската и енергетската криза и начините на кои во иднина нашите стопанства би можеле да остварат уште подобра соработка.
На крајот би сакал да се заблагодарам и за унгарската поддршка во сферата на образованието со програмата Стипендиум Хунгарикум, преку која, изминативе 10 години се доделуваат 20 стипендии годишно за нашите млади да студираат на престижните високообразовни институции во Унгарија. Оваа прилика ја користам и да ја издвојам и успешната реализација на размена на лектори по унгарски и македонски јазик која на реципрочна основа се одвива од далечната 1988 година на минатиот век, кога е отворен лекторатот по македонски јазик во Будимпешта.
На мое задоволство со претседателката Новак попладнево ќе поразговараме и со претставниците на Здружението на студенти по медицина кои го формираа HealthHub во рамките на канцеларијата МладиХаб, како и со претставници на Националниот младински совет.
Почитувана претседателке Новак,
Уште еднаш ви посакувам добредојде, Вам и на вашата делегација ви посакувам пријатен престој во Репубика Северна Македонија.