Со силен тресок, попладнево се скршил еден од крановите со кои се градат дваесеткатниците на паркингот спроти хотелот „Холидеј ин” во центарот на Скопје. Очевидци за „Макфакс” велат дека нема повредени.
„Метално парче големо колку палка се открши од кранот што работеше на делот од паркингот во близина на ГТЦ, летна и падна на тротоарот пред ТЦ „Соравија“.
„За среќа, на тоа место на тротоарот немаше никој иако во близина имаше минувачи”, вели очевидец за „Макфакс”.
Кусо по инцидентот, парчето беше кренато, а градежниците продолжија со работа и не сакаа да зборуваат за скршената машина.
Инцидентот ги распамети вработените во околните објекти кои го чуле тресокот.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде информираа дека го проверуваат случајот и најавуваат информации за подоцна.