Разорниот земјотрес кој денеска ја погоди Турција не би требало да ги става во мисла граѓаните во земјава во врска со квалитетот и издржливоста на градбите кои ги иамаме кај нас, бидејќи според директорот на Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени Михаил Гаревски, градбите во државава кои се градат од 2000 година па наваму, особено оние од 2014 година до сега, се едни од најсигурните градби во Европа.
Ваквото уверување Гаревски го темели врз основа на законот од 2014 година, според кој, како што вели, секој објект мора да помине низ специјализиран научен Институт за заштита од земјотреси.
Додава дека доколку објектот е поголем од 300 квадрати, покрај надзор на проектот, треба и теренски да се направи проверка на самата конструкција, за да се утврди дали се постапува како што треба.
Михаил Гаревски, директор на Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени
„Јас правев една анкета преку Институтот и сакав да видам дали скопјани се уште го памтат земјотресот од 1963 година. Иамв едно прашање ‘на кои градби највеќе им верувате’. Тие им веруваат најмногу на градбите од 1964 до некаде 1970 година, што воошто не е точно. Градбите да речеме од 2000 година навака, особено од 2014 до сега се едни од најсигурните градби можам да кажам и во Европа“, вели Гаревски во гостувањето во „Тема на денот“ на ТВ Сител.
Коментирајќи ја информацијата од Американскиот геолошки институт, според која, градбите кои беа разурнати од денешниот земјотрес во Турција биле од неармирани тули, Гаревски вели дека таквата градба не е секогаш главниот фактор за разорноста на земјотресот, туку магнитудата е таа која игра најголема улога.
Прашан дали во Скопје или во други градови од земјава има останато вакви градби од тули, Гаревски посочи дека такви градби се останати од периодот пред катастрофалниот земјотрес кој го погоди главниот град во 1963 година.
Сепак, додава тој, по 1964 година практично никој не гради со масивни ѕидови од тула.
Денеска, во временски интервал помал од 12 часа, во Турција се случија два потреси со разорна магнитуда. Првиот земјотрес се случи во текот на ноќта додека луѓето спиеја, а беше со магнитуда од 7,8 степени, што го прави еден од најсилните земјотреси во регионот во изминатиот еден век. Вториот, со магнитуда од 7,7 степени според Рихтеровата скала, се случи во 13:24 часот по локално време.
Вкупниот биланс на жртви во земјотресот во Турција и во Сирија, чиј северозападен дел исто така се соочува со сериозен број на загинати од потресот во соседната земја, сега изнесува повеќе од 2.300 луѓе.