Кристијан Атсу, репрезентативецот на Гана и поранешен играч на Порто и Њукасл, кој беше еден од многуте спортисти по кои се трагаше по двата разорни земјотреси што ја погодија Турција, е пронајден жив. Не е во животозагрозувачка состојба и е префрлен во болница, информираат турските медиуми. Тој сега е фудбалер на Хатајспор, а синоќа беше херој за својот тим и постигна победнички гол во 97. минута од натпреварот против Касимпаша.
„Ми кажаа дека Кристијан Атсу се наоѓа на деветтиот кат од зградата која се урна со уште девет играчи и двајца членови на стручниот штаб. Тројца играчи се спасени. Претставниците на клубот се на лице место и потрагата продолжува. Нашиот брат ќе биде добро. Ајде да веруваме“, објави новинарот Садик Адамс од Гана.
Недолго потоа е потврдено дека Кристијан Атсу е пронајден и дека е жив. Тој има повреда на десната нога и проблеми со дишењето, поради што е пренесен во болница, потврдија англиските и португалските медиуми.