ОСМАНИ – ЛИПАВСКИ

Забрзаната евроинтеграција на државата ќе ја зацврсти регионалната и европската безбедност

Денес, на покана на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во официјална посета на државата, престојуваше министерот за надворешни работи на Чешката Република, Јан Липавски.

Во фокус на разговорите беше евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, кој доби нова динамика со почетокот на пристапните преговори за време на чешкото претседателство со Советот на ЕУ. Во овој контекст, министерот Османи се заблагодари за активностите и улогата на Чешка од позиција на претседавач со ЕУ.

„Не смееме да дозволиме да бидеме вовлечени во агендата на провокаторите и да попуштиме во нашите напори да ги вратиме меѓусебни односи онаму каде што припаѓаат – овде во куќите на дипломатиите.

За оваа цел добредојдена е секоја помош, особено од нашите пријатели како што е Чешка, и јас денес побарав од мојот колега Липавски да го искористи своето влијание и внатре во Унијата, но и како колега Министер, демонстрирајќи ја и понатаму поддршката која во континуитет земјава ја добива од нашите чешки пријатели”, истакна министерот Османи.

Липавски потенцираше дека забрзувањето на евроинтеграциите е во заедничка корист на Северна Македонија и ЕУ, реафирмирајќи ја чешката позиција дека Западен Балкан е важен и нераскинлив дел од европското семејство.

Како претседавач со ОБСЕ, Османи размени мислења со својот чешки хомолог и за сериозното нарушување на европската безбедносна архитектура поттикнато од воената агресија врз Украина и огромните последици кои ги чувствува Украина, но и Европа и светот.

„Го претставив нашиот највисок приоритет како претседавачи: да запре натамошното човечко страдање, да ја ставиме во функција Организацијата преку теренските мисии за да ги ублажиме последиците од војната, но и да спречиме нови кризи и да обезбедиме поддршка за ранливите региони, следејќи го слоганот на нашето претседавање кое гласи  – За луѓето се работи”, подвлече Османи.

На средбата стана збор и за динамичниот позитивен тренд на билатералните односи, со акцент на одличната економска соработка. Османи го подвлече огромното значење на чешката поддршка во заштитата на нашата јужна граница од илегална миграција, што претставува уште една потврда за традиционално одличните односи меѓу двете земји.

Треба да знаете
Последни објави