Со Планот за активности за Стратешкиот дијалог ја зацврстуваме соработката меѓу Северна Македонија и САД, ги промовираме нашите стратешки интереси и на глобален план

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска, одржаа прес-конференција, на која информираа за активностите во врска со Стратешкиот дијалог меѓу Република Северна Македонија и САД.

Премиерот Ковачевски информираше дека Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница го прифати текстот на Планот за активности во рамките на Стратешкиот дијалог на Република Северна Македонија со САД.

„Со ова го потврдуваме силниот сигнал дека Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер и тоа за нас како држава е од голема важност. Сега од кога било, со дијалогот ја надградуваме нашата досегашната соработка, партнерство и заложби за безбедност, слобода и демократски просперитет, почитување на правото, борба со корупција и криминал и другите закани по мирот ширум светот”, изјави премиерот Ковачевски на заедничката прес-конференција со министерот Османи.

Премиерот потсети дека нашата држава годинава обележува 15 години како одржуваме стратешко партнерство со САД, период во кој континуирано добиваме поддршка во демократскиот и економскиот развој на земјата.

„Северна Македонија е прва земја од Западен Балкан која одржа Стратешки дијалог со САД. Тоа е само надградба на досегашното долгогодишно стратешко партнерство меѓу двете земји и подигнување на билатералните односи на повисоко ниво. Владата предводена од СДСМ, постави стратегиски определби за Северна Македонија и истите ги остваруваме со инцијативи и конкретни чекори, независно дали се работи за внатрешна или надворешна политика. Тоа е единствениот начин да ја развиваме земјата, единствено така можеме да придонесеме за промоција на нашите стратешки интереси и на глобален план”, нагласи премиерот.

Во своето обраќање, премиерот Ковачевски ги потенцираше приоритетите на Владата.

„Наша заедничка цел е што побрзо членство на Северна Македонија во Европската Унија, бидејќи на нашите граѓани им се потребни европски институции, европски стандард, европска иднина. За да го оствариме тоа потребни ни се структурни реформи, за тоа ни е потребно единство, одлучност, сега не е време за партиски калкулации. Цврсто сум убеден дека местото на Северна Македонија е во кругот на земјите-членки на Европската унија, затоа треба да ги искористиме сите можности и врз основа на поставени принципи на заштита на интересите на граѓаните да го оствариме тоа”, смета премиерот.

Министерот за надворешни работи,  Бујар Османи, најави дека Стратешкиот дијалог со САД и сите предвидени проекти за соработка стануваат дел од Владината програма за работа.

„Првата област на интензивирана соработка и приоритетна активност во рамките на Планот за активности е борбата против корупцијата и владеењето на правото. Утврдивме и посебно поглавје во Планот за активности што се однесува на имплементацијата на антикорупциската политика. Предвидени се активности кои имаат за цел поддршка на судските реформи преку споделување стручно знаење, а сѐ со цел зголемување на кредибилитетот и довербата во судството”, рече министерот Османи и продолжи: „Предвидено е зајакнување на соработката во областа на одбраната, сојузништвото во рамки на НАТО и други безбедносни сегменти. Меѓу другото тоа подразбира одржување заеднички обуки и вежби со САД како и поддршка за модернизација и опремување на нашата Армија. Дефиниравме тесна соработка со САД и во рамки на нашето претседавање со САД – Јадранската повелба, или А5, особено во делот на креирање еден нов наратив на Повелбата “, појасни министерот Османи.

Тој наброи и други области каде ќе зајакне соработката, меѓу кои во делот на економската соработка, го истакна планираното воспоставување соработка со Корпорацијата на САД за финансирање меѓународен развој (US International Development Finance Corporation – DFC) и нашиот долгорочен интерес за отворање на регионално претставништво на оваа институција во Северна Македонија.

Министерот Османи најави и дека се предвидени проекти со цел надминување на енергетските предизвици, потоа организирање на голем бизнис форум меѓу двете земји и воспоставување директна авиолинија Скопје – Њујорк, како и амбиција на државата за приклучување кон Програмата за глобален влез (Global Entry Program) на САД.

Планот за активности содржи и проекти кои се однесуваат на културната размена, зајакнувањето на образовната соработка, како и зајакнување на врските меѓу академските заедници, активности кои се насочени кон унапредување на врските и доближување на народите од двете земји.

Треба да знаете
Последни објави