Фудбалерите на Јувентус славеа со 0:3 на гостувањето кај Салернитана во последниот натпревар од 21-то коло во Серија А.
Херој на Старата дама беше српскиот репрезентативец Душан Влаховиќ кој постигна два гола, првиот во 26-та минута од пенал, а вториот во 47-та минута.
Ова е прв натпревар по неколкумесечна пауза поради повреда на препоните, за Влаховиќ да биде во првиот тим на Јувентус, и веднаш покажа колку е важен играч за Старата дама. На последните два меча на Јувентус, Влаховиќ влегуваше во игра од клупата.
Третиот гол беше дело на уште еден Србин, Филип Костиќ.
Со победата над Салернитана, Јувентус ја прекина црната серија од три меча без победа во Серија А, доживеа два порази од Наполи и Монца и ремизираше со Аталанта.
По победата, Јувентус сега има 26 бода и се наоѓа на десеттото место на табелата.
Старата дама неодамна беше казнета со одземање на 15 бода поради финансиски малверзации на претходната управа предводена од Андреа Ањели.