Бектеши: Обезбедени 3,2 милиони евра за субвенционирање на сметки за струја за домаќинствата, за фотонапонски панели, сончеви колектори и замена на ПВЦ прозорци

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција во Владата информираше за Програмите и мерките на Министерството за економија кои што беа донесени на последната седница на Владата.

Во продолжение обраќањето на министерот Бектеши во целина:

„ Како што најавив на крајот на минатата година кога го презентиравме Буџетот на Министерството за економија за 2023 година, во оваа тешка криза со која се соочува целиот свет, најважно за нас како Влада е да го заштитиме стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите и дека никој нема да биде оставен сам да се справува со кризата.

Така, фокус на Министерството за економија во 2023 година ќе биде енергетиката и споравувањето со енергетската криза.

Согласно буџетот за оваа намена преку мерките и програмите на Министерството за економија се обезбедени вкупно 200 милиони денари односно 3,2 милиони евра, што за три пати повеќе споредено со претходната година.

На последната седница на Владата беа донесени неколку Програми на Министерството за економија во делот на енергетиката со кои се реализираат низа мерки за поддршка на домаќинствата и на компаниите.

Во 2023 година продолжува финансиската поддршка за домаќинствата за субвенционирање на сметките за електрична енергија на најранливите категории на граѓани.

За оваа мерка се предвидени 60 милиони денари, односно еден милион евра.

Предвидено е субвенционирање на сметката на електрична енергија на домаќинства со ниски приходи од 600 до 800 денари од сметката за струја.

Јавниот повик за оваа мерка е веќе објавен на веб-страната на Министерството за економија и сите граѓани кои ги исполнуваат условите може да аплицираат најдоцна до крајот на февруари.

Согласно програмата за самец со приходи до 18.000 денари  денари; за домаќинство  со два члена до 25.000 денари; за домаќинство до три члена до 30.000 денари намалувањето на сметката ќе биде 600 денари, додека за  домаќинство со четири члена со приходи  до 36.000 денари; и за домаќинство со пет члена и повеќе члена до 43.000 денари намалувањето на сметката ќе биде 800 денари.

Оваа мерка годинава е проширена со други социјално ранливи категории на лица како што се корисници на правото на надоместок заради попреченост, самохрани родители кои не се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош и корисници на право на надомест за телесно оштетување.

Исто така новина е што доколку овие домаќинства направат заштеда на електрична енергија од 10% споредено со истиот период минатата година, тогаш ќе имаат дополнително 200 до 300 денари намалување на сметката за електрична енергија во зависност од категоријата.

Минатата година преку оваа мерка беа субвенционирани 4.379 домаќинства и исплатени се вкупно 33 милиони денари.

Во 2023 година продолжува финансиската поддршка за домаќинствата за фотонапонски панели, сончеви термални колекторски системи, како и замена на ПВЦ или алуминиумски прозорци.

Со ваквите инвестиции во обновливи извори се овозможува граѓаните да ги задоволат потребите за струја, но и да имаат заштеда во време на криза.

За овие три мерки се предвидени вкупно 70 милиони денари или 1,15 милиони евра и ќе се користат за следните мерки:

1.надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата до 30 %, но не повеќе од 15.000 денари по домаќинство за 2023 година, во вкупен износ од 15 милиони  денари;

2.надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата до 50 %, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство за 2023 година, во вкупен износ од 25 милиони денари;

3.надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски електроцентрали за производство на електрична енергија до 6 kW за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на сопственост или користење, до 30%, но не повеќе од 80.000 денари по домаќинство за 2023 година, во вкупен износ од 30 милиони денари.

Огласите за овие три мерки ќе бидат објавени до крајот на март.

Енергетската криза исто така покажа колку се важни инвестициите во обновливи извори на енергија. Министерството за економија и оваа година продолжува со поддршката на компаниите за изградба на фотонапопонски централи.

За Програма за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители кои користат премија за 2023 се предвидени 60 милиони денари, односно еден милион евра за изградба на фотонапонски централи со вкупна инсталирана можност до 60 мегавати.

Задоволство ми е да кажам дека за оваа мерка има огромен интерес.

Од првиот оглас на Министерството за економија за изградба на фотонапонски централи на државно земјиште во вкупен инсталиран капацитет од 25 мегавати во Свети Николе, сите централи се изградени и пуштени во употреба.

Од вториот оглас за изградба на фотонапонски централи на приватно земјиште во вкупна инсталирана моќност од 23 мегавати, 10 централи со вкупна инсталирана можност од 8 мегавати се пуштени во употреба, а останатите се градат, додека за третиот оглас кој беше за фотонапонски централи со вкупна инсталирана можност од 80 мегавати минатата година беа потпишани договорите со инвеститорите кои имаат рок од 3 години да ги изградат.

Со олеснување на условите за изградба кои ги направивме минатата година очекуваме уште поголем интерес кај инвеститорите за изградба на фотонапопнски централи.”

Треба да знаете
Последни објави