Почитувани граѓани, почитувани новинари,
Почетокот на преговорите со ЕУ, напредокот во евроинтеграциите, носат конкретни и видливи придобивки за нашата држава.
Европската комисија даде предлог за макрофинансиска помош до 100 милиони евра за Северна Македонија, односно поддршка за економијата за следните две години.
Помошта ќе придонесе и за покривање на финансиските потреби на Северна Македонија поддржувајќи ја и фискалната одржливост и структурните реформи, a нејзиното спроведување ќе биде дефинирано заеднички со ЕУ, преку Меморандум за разбирање.
Оваа одлука доаѓа само неколку денови, откако ЕУ додели грант од 53 милиони евра за три стратешки енергетски проекти.
Претходно, минатата година, како поддршка за справување со економската и енергетската криза ЕУ на нашата држава и додели 80 милиони евра.
Со ова уште еднаш се докажува кој стои до нашата држава во тешки времиња и во време на економска и енергетска криза.
Сето ова е директна придобивка од изгласување на заклучоците околу Европскиот предлог, што ние како парламентарно мнозинство ги изгласавме минатото лето.
Таа одлука го отвори патот кон почеток на преговорите и донесе придобивки за македонската економија, за нашите граѓани.
Тогаш, при процесот на носење на одлуката, ВМРО-ДПМНЕ и Левица овде во Собранието, но и надвор од него ширеа лажни вести, ги хушкаа граѓаните на насилни протести, хистерично лажејќи дека ќе се загрозел македонскиот јазик и идентитет.
Денес, македонскиот јазик и идентитет се признаени од целиот свет, а државата, економијата и граѓаните ги чувствуваат придобивките од почетокот на преговорите.
Како пратеничка група и парламентарно мнозинство, продолжуваме со реализација на потребните реформи што обезбедуваат трансформација на македонското општество и европеизација на државата.