Бројот на загинати во двата разорни земјотреси што вчера ги погодија јужна Турција и северозападна Сирија се искачи на повеќе од 5.000, а десетици илјади се повредени. Земјотресите зад себе оставија илјадници луѓе кои останаа без покрив над главата бидејќи цели станбени блокови беа срамнети со земја.
Огромната спасувачка операција се уште трае. Студеното време ги попречува спасувачите во потрагата по преживеани.
Во текот на утрово Турција беше погодена од два нови силни земјотреси – првиот беше со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала, а вториот, кој се случи околу 08:50 часот, беше со јачина од 5,7 степени по Рихтер.
Првиот вчерашен земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала се случи ноќта на студено време во провинцијата Кахраманмарасу, на југоисток.
Следеа десетици послаби земјотреси, а попладнето исто така на југоистокот на Турција се случи уште еден со јачина од 7,5 степени.
Потпретседателот на Турција изјави дека бројот на загинати во земјата од земјотресот сега изнесува 3.419, пренесува Ројтерс. Со тоа официјалниот број на загинати од Турција и Сирија се искачи на 5.021.