Османи – Дион: Северна Македонија и Канада посветени на зачувување на трансатлантската безбедност и одбрана на демократските вредности

Можностите за зајакнување на стратешкото партнерство, како и продлабочувањето на билатералната соработка меѓу Северна Македонија и Канада, со посебен акцент на развојот на економската соработка и можностите за нови канадски инвестиции во земјава, беа тема на разговор на средбата на министерот за надворешни работи Бујар Османи со специјалниот пратеник на канадскиот премиер за Европската Унија и Европа и амбасадор во Франција и Монако, Стефан Дион.

Како што соопшти МНР, на средбата беше поздравена и улогата на нашата дијаспора во Канада како особено значајна за јакнење на билатералните односи и понатамошно приближување на двете земји.

Соговорниците ја потенцираа одличната соработка во рамки на меѓународните организации, нагласувајќи го притоа нашето претседавање со ОБСЕ како дополнителна можност за продлабочување на соработка на мултилатерален план.

Воедно, стана збор и за нашето сојузништво во рамки на НАТО, реафирмирајќи ја силната поддршка за Украина, како и заедничките заложби за зачувување на трансатлантската безбедност и одбраната на споделените демократски вредности, информира МНР. 

Треба да знаете
Последни објави