Министерството за надворешни работи на Кина побара од администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден да ги врати остатоците од балонот соборен од американската војска во близина на источниот брег на САД, велејќи дека авионот „припаѓа на Кина“.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали Пекинг побарал од САД да го вратат балонот, кој беше соборен во саботата, на 4 февруари, портпаролката на Министерството Мао Нинг рече дека балонот и припаѓа на Кина, а не на Америка.
Нејзините коментари дојдоа неколку дена откако американски борбен авион собори балон кај брегот на Јужна Каролина, за кој американските власти велат дека бил шпионски авион.
Бајден се соочи со жестоки критики за тоа што дозволил балонот да го премине континентот, над локациите за нуклеарни ракети и други чувствителни воени средства, пред да биде соборен.
Кинеското Министерство за надворешни работи инсистира дека балонот е цивилен метеоролошки истражувачки воздушен брод кој случајно влегол во воздушниот простор на САД откако скршнал од курсот.
Маова истакна дека некои американски политичари и медиуми го „претерале“ инцидентот со цел да ја „нападнат и оцрнат Кина“.
Кинеската страна во неколку наврати даваше информации за балонот. Немам што да додадам во овој момент – истакна таа.
Маова изјавила дека американските власти не реагирале „мирно и професионално“, пренесе „Раша тудеј“.
– Вашингтон претерано реагираше на инцидент кој не претставуваше безбедносна закана и не загрози ниту еден Американец – додаде таа.