Претседателот Реџеп Таип Ердоган денеска ја посети јужна Турција за лично да го види уништувањето предизвикано од силниот земјотрес што се случи во понеделникот, додека гневот кај локалното население расте поради, како што велат, бавниот одговор на владата на напорите за спасување и помош.
Говорејќи пред новинарите во провинцијата Кахраманмарас, во близина на епицентарот на земјотресот, Ердоган изјави дека имало одредени проблеми во првичниот одговор по силните земјотреси што на 6 февруари ја погодија јужна Турција, но дека операциите се нормализираат и додаде дека бројот на загинати во земјата постојано се зголемува. Тој рече дека Турција има за цел да го обнови Кахраманмарас за една година.
„Имавме некои проблеми на аеродромите и патиштата, но денес сме подобри. Ќе бидеме подобри утре, но и понатаму. Сè уште имаме некои проблеми, но и тие ќе ги надминеме“,рече Ердоган.
Тој, исто така, рече дека граѓаните треба само да ги слушаат властите и да ги игнорираат „провокаторите“.
Според последните податоци, бројот на загинати е речиси 11 200. Турските власти соопштија дека во земјата загинале 8 574 лица. А, бројот на потврдени смртни случаи во Сирија досега е 2 662.
Ердоган рече дека 49 133 лица се повредени, а вкупно 6 444 згради се урнале поради земјотресите со јачина од 7,8 и 7,6 степени според Рихтеровата скала, кои се случиле за помалку од 10 часа.
Истакнувајќи дека одредени хотели во провинциите Мерсин и Анталија, вклучително и областа Аланија, ги отворија вратите за жртвите од земјотресот, Ердоган рече: „Нашите граѓани не треба да се грижат. Никогаш нема да дозволиме да останат без засолниште“.
„Секое семејство погодено од потресите ќе добие 10 000 турски лири (530 долари)“,додаде тој, пренесува агенцијата Анадолија.
За брзо спроведување на операциите за пребарување и спасување, Турција во вторникот објави тримесечна вонредна состојба во 10 провинции погодени од земјотресот.
Во Турција е прогласена седумдневна национална жалост по разорните земјотреси.
Сите национални спортски манифестации во земјава се прекинати до понатамошно известување. Училиштата низ целата земја ќе бидат затворени до 13 февруари, а образованието во 10 погодени провинции е во мирување до 20 февруари.
Се очекува бројот на жртвите да се зголеми бидејќи стотици урнати згради во многу турски градови станаа гробници за луѓето кои биле во нив.
Семејствата во јужна Турција и северна Сирија поминаа втора последователна ноќ на студ додека исцрпените спасувачи се обидуваа да извлечат луѓе од урнатините.