Во 2020 година отпочна со работа Математичко-информатичката гимназија – МИГ. Таа беше најавена како место каде ќе се образуваат талентирани ученици од областа на математика, физика и информатика. Меѓутоа, место зголемен обем на часови од споменатите области, учениците од оваа гимназија го почнаа второто полугодие без стручни предмети, односно со осум професори помалку!
Според еден од најнеспособните министри во Владата, Јетон Шаќири, за пропустот и изгубените часови овојпат е виновно Министерството за финансии кое нема дадено согласност за финансирање на работните места за професорите. Небулозни се ваквите оправдувања на Шаќири, со оглед што со Министерството за финансии раководи неговиот партиски колега, Фатмир Бесими. Ваквиот деструктивен однос потврдува само дека секој ресор со кој раководи ДУИ е неповратно осуден на пропаст.
Левица јавно прашува зошто кадарот се обезбедува преку привремени вработувања иако гимназијата постои и работи веќе трета година? Кога и како ќе им бидат надоместени наставните содржини на учениците од МИГ? Дали пропустите повторно ќе се компензираат со продолжување на наставната година, односно со кратење на летниот распуст?
Инаку, уписот во оваа гимназија е условен со приемен испит, а стипендирањето со најмалку 4,5 просечна годишна оцена, односно со одличен успех. Учениците се оставени без настава, а за многу кратко ќе треба да бидат оценети за тромесечие. Местото кое би требало да биде расадник за таленти, се претвора во гилотина на ентузијазмот токму на онаа група ученици кои треба да бидат во фокусот на образовниот систем!
И, додека млади партијци на ДУИ се ротираат на раководни места дури и кога немаат елементарни познавања од дејноста што треба да ја раководат, од Македонија секојдневно се одлеваат стотици млади и талентирани луѓе.